Виси ли дозволата за оперирање на деца што пред пет месеци со параф од Филипче ја доби „Жан Митрев“?

Дали болницата „Жан Митрев“ легално се стекнала со дозвола за оперирање на бебиња со срцеви маани од Министерството за здравство? Доколку постапката е законска, дали со заминувањето на Д-р Владимир Чадиковски, единствениот лиценциран детски кардиохирург, по дифолт болницата „Жан Митрев“ ја губи дозволата да оперира срца на деца до една година, бидејќи нема кадар кој поседува „лиценца“ за ваквите зафати, иако го има најдобриот кардиохирург во земјава?

За овие, но и за низа други прашања за случајот „Детска кардиохирургија“, единствената гранка што функционира по принципот јавно-приватно партнерство, министерот Филипче и денеска не се најде повикан да одговори, иако доста гласно го презентираше ваквиот модел како одличен спој на опрема и експертиза, и најaвуваше нови слични вакви „партнерства“.

Од Министерството за здравтсво, по притисок на медиумите, се одважија и по неколку дена кусо одговорија, оти во март, кога се премести и тимот од државната детска хирургија на чело со Чадиковски, болницата „Жан Митрев“ добила решение и за операции на срце кај бебиња, но повторно не кажаа што содржи истото.

-Министерство за здравство потврдува со Решение на Министерот за здравство бр. 22-665/3 од 01.03.2019, клиниката „Жан Митрев“ има дозвола за вршење здравствена дејност на секундарно ниво (специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност) за внатрешни болести меѓу кои и за кардиохирургија за возрасни и детска кардиохирургија со исполнети условите во однос на простор, опрема и кадар, наведуваат од МЗ.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторот веќе неколку дена не сакаат да говорат јавно, пред камера за случајот па кусо соопштија дека вчера извршиле вонреден надзор и констатирале оти решението од Филипче, болницата „Жан Митрев“, го има.

-Државниот санитарен издравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во Клиниката „Жан Митрев“, а во врска со исполнување на законската обврска во вршењето на здравствената дејност согласно дозволата за работа бр.22-665/3 од 01.03.2019 година. При надзорот е констатирано дека здравствената дејност се врши согласно Решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство, наведуваат од ДЗСИ.

И од клиниката „Жан Митрев“ не сакаат да говорат јавно, оттаму во писмена форма стигна поздрав за иницијативата на Антикорупциска, која отвори предмет за случајот „детска кардиохирургија“.

-Клиниката „Жан Митрев“ ја поздравува иницијативата на Антикорупциската комисија за испитување на случајот со детската кардиохирургија. Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината, се наведува во соопштението.

Наместо со став, конкретни информации за случајот и образложение за постапката и начинот на издавање на дозволи за вршење на одредена здравствена дејност, кога има скандал што вклучува ситуации „живот или смрт“ на бебиња, од Министерството, единствено што не заборавија е да се пофалат дека се подобрувале условите во клиниките.

Сања Трајковска Ставров