„Виси“ изградбата на далноводот Македонија – Албанија?!

Дали земјава ќе се поврзе енергетски со Албанија? Изградбата на 400-киловолтна трафостаница во Охрид и 400-киловолтен далновод, доцни две години. Јавноста е загрижена дека проектот ќе пропадне, и ќе треба да се плаќаат пенали, откако беа објавени информации дека причина за доцнењето се кавгите во МЕПСО околу начинот на објавување на тендерите и немањето на градежна дозвола за проектот. Дел од медиумите соопштија дека неколку вработени алармирале дека тендерот се мести, дел од нив биле сменети од нивните позиции. Интерно работниците сметаат дека добитниците на тендерите се веќе познати, две хрватски компании.

Од МЕПСО остро ги демантираат ваквите тврдења. Проектот немало да пропадне. Тврдат дека двата тендери ќе бидат објавени овој месец, а договорите ќе биле склучени на есен. Велат дека проектите биле закочени од претходното раководство, а разрешувањето на некои луѓе било легитимно право на директорот, во случаи кога не се даваат очекуваните рерзултати.

„ Апсурден е наводот во кој се прејудицира дека се избрани фирми на тендери кои не се ниту распишани. Најодговорно тврдиме дека е чиста дезинформација дека е вршен притисок за спојување на двата тендера во еден. Напротив. Менаџментот има обврска да ги разгледа сите опции. Веќе одбравме конзорциум од реномирани странски консултанти со кои се ревидираат тендерските документации и сега се вршат последните подготовки пред објавување на два тендери“ – велат од МЕПСО.

Парите за изградба на трафостаница и далновод ги обезбеди претходната влада во 2015 година од ЕБОР со заем од 36 милиони евра и грант од 12 милиони евра. Државната МЕПСО во изминатиов период беше во фокусот на граѓаните поради вработувањата на блиски роднини на актуелни функционери, како и спорните набавки на скап мебел. Последниот договор на МЕПСО склучен овој месец е за набавка на околу 450 столици.

Тања Попова