Викендов на Галичица првото издание на планинската трка „Охрид треил“

Вкупно 151 учесници од 15 земји ќе бидат дел од првото издание на Планинарска трка „Охрид треил“ што задутре ќе се одржи на планината Галичица и во градот Охрид. Учеството на големата трка од 60 километри го имаат потврдено 57 натпреварувачи, а 94 натпреварувачи ќе се појават на стартот од малата трка на 35 километри. Стартот на големата трка е од Свети Наум во осум часот, а малата ќе започне два часа подоцна од автокампот „Елешец“. Финишот на двете трки е на Кејот Македонија во Охрид.

На денешната прес-конференција по повод манифестацијата, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој и самиот е активен планинар, рече дека настанот освен што ќе послужи за поттикнување на спортот ќе има за цел да ги промовира и афирмира природните убавини на Охрид и планината Галичица.

– Сметам дека „Охрид треил“ значително ќе ја збогати туристичката понуда во нашиот град во насока на алтернативните форми на туризам надвор од летната сезона. Верувам во капацитетите и способностите на луѓето вклучени во организацијата на оваа спортска приказна и убеден сум дека „Охрид треил“ ќе биде исклучително квалитетно организиран и ќе бидат земени во обзир сите современи стандарди и практитки за ваков вид на настани. Исто така убеден сум дека „Охрид треил“ ќе донесе едно незаборавно искуство за сите учесници и дека овој настан ќе прерасне во традиоционален, рече тој.

Здружението „ТРЕКС“ ќе го додаде Охрид во градови и места кои биле домаќини на Планинска трка, заедно со трките што веќе се одржуваат во Прилеп, Скопје, Штип, Водно-Матка и на Шар Планина.

– Охрид треил е трка во планинско трчање. Планинско трчање преставува спорт мешавина од трчање и планинирање. Овој спорт е релативно нов и бележи голем последниве десеттина години. Во нашата земја, здружението „ТРЕКС“ од 2011 започнува со организирање на планинарски трки и до сега редовно организираме трки во Прилеп, Штип, Скопје и Шар Планина и многу ми е мило што Охрид го додаваме во нашата лепеза. Не може да ги заобиколиме природните убавани на Галичица, убавините на Охрид и затоа веднаш ја прифативме поканата и понудата од Асоцијацијата за спортови. Со оглед дека ова е прво издание и ние сме возбудени, а и натпреварувачите исто така. Очекуваме интересна трка, исто така веруваме дека учесниците ќе дадат се од себе и ќе ја направат трката уште поинтересна и повозбудлива, истакна директорот на трката, Дејан Крле.

Што се однесува на техничките аспекти, трката на 60 километри го опфаќа целиот гребен на планината Галичица и се минува низ најинтересните делови од планината, додека учесниците на малата трка што стартува од автокампот „Елешец“ ќе им се приклучат на оние од големата трка. Победникот на мала трка се очекува да пристигне за три и пол часови, а најдобриот во голема трка за шест и пол часови. За безбедност на натпреварувачите патеката е одбележана со посебни маркици, вкупно 60 волонтери, искусни планинари ќе има долж трасата, а за евентуални потреби на располагање ќе биде Планинарската спасителна служба.

Организаторите на манифестацијата ги повикаа охриѓани да бидат дел од трката, а доколку не можат да тржаат, со свое присутво долж патеката и на самата цел да придонесат за масовност и што поголема нејзина афирмација.