Видео насоките за мигрантите црвен сигнал за експертите

Се вклучува ли црвен аларм за нов бегалски бран, откако пред само три дена Фондацијата УСАИД Северна Македонија објави видео со насоки за интегрирање на мигрантите во земјава. Иако со намален интензитет, балканската рута функционира, а најновите препораки носат и страв од инфилтрирани структури поврзани со терористичките организации, коментира за Алфа политикологот Милан Стефановски..Вели државата мора да даде одговор на ваквите насоки преку квалитетна стратегија.

-Тие препораки не се случајни. Мигрантскиот бран не е исчезнат туку намален. И ако забележите тие се случуваат секоја година, туку на неколку години.Низ тие мигрантски бранови, низ тие луѓе кои доаѓаат од жариштата на Сирија и Ирак дефинитивно има борци на ИСИС, вели Стефановски.

Во видеото објавено од УСАИД, државата Северна Македонија најпрво ќе треба да им обезбеди дом и сместување на бегалците, образование и вработување, здравствено осигурување. Оние кои ќе го добијат планот токму од Центарот за интеграција по сите овие планирани точки може да добие и македонско државјанство. Но Стефановски е дециден, земјава нема економија за да им обезбеди вработувањата на лицата кои мигрираат и одлучат да останат во Македонија, ниту пак државен апарат да може да ги социјализира.

-Тука треба државата да настапи со јасна стратегија и тоа е првиот аспект. Ние немаме екномија за да можеме да им помогнеме на тие луѓе, а најчесто тие луѓе кога економски не се згрижени прибегнуваат кон криминал. И тоа е случај кога се случуваа инциденти во Германија и Франција кои се многу посилни земји од нас, а веќе имаат проблеми. Ние мора да бидеме многу внимателни. А вториот аспект е самата ИСИС – бидејќи нивната стратегијата е и самите признаваат на нивните видеа дека ги користат мигрантските бранови за да се инфилтрираат во земјите членки на ЕУ, оценува политичкиот аналитичар.

Најпримамливата рута за транзит на бегалците од Блискиот Исток останува Коридорот 10, вклучително и Македонија.

Фондацијата УСАИД вакви препораки веќе објави и во останатите земји каде каде мигрантите одлучуваат да останат на патот до посакуваната цел. Пред две години Владата ја објави и 10-годишната стратегија за интеграција на мигрантите, која детално го образложува секој сегмент од општеството за нивно полесно функционирање..

Ивана Соколовиќ Најдова