ВИДЕО: Британската полиција го уапси Џулијан Асанж-„Велика Британија мора да се спротивстави“, извикуваше Асанж додека го апсеа

Британската полиција соопшти дека денеска во Лондон е уапсен основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Светските медиуми пренесуваат дека Асанж бил уапсен откако му бил укинат азилот.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, претходно соопшти дека ќе го повлече азилот, посочувајќи дека Асанж ги прекршил меѓународните конвенции.

Британската полиција соопшти дека амбасадорот на Еквадор ги поканил во амбасадата на земјата.

Асанж, според наводите на полицијата, бил однесен во притвор и што е можно побргу ќе биде изведен пред истражен судија.

Инаку, додека го приведуваа, тој извикувал „Велика Британија мора да се спротивстави“.

Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон живееше цели 7 години. Во врска со доделувањето азил на Асанж, еквадорското Министерство за надворешни работи во 2012 година истакна дека тој е политички прогонуван и дека нема да добие фер судење пред американското судство.

„Викиликс“ во 2010 година на интернет објави лавина од дипломатски и воени тајни, претежно американски доверливи податоци, што се смета за едно од најголемите протекувања на информации во американската историја.