Вељановски: Гласањето за уставните измени мора да се случи најдоцна денеска

Наместо пратениците денеска според деловникот за работа да гласаат за уставните измени, во Собранието си се одржуваат седници на матичните комисии за финансирање и буџет, пред законодавниот дом пратeници од владејачката коалиција си даваат изјави, а изгласувањето за менување на Уставот останува да лебди.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, преку писмо, објаснува  дека согласно Деловникот претресот за измена на Устав трае 10 работни дена, односно гласањето мора да се случи денеска.

Согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август, напиша Вељановски.

Во писмото, посочува Вељановски, деловникот не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење, но Џафери си тера по свое, па комотно изјавува дека уставни измени ќе се гласале кога ќе имало услови.

На писмото од Вељановски, од кабинетот на Џафери немаат посебен коментар, туку само потсетија на прес конференцијата на спикерот пред десетина дена.

„Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога  нема доволно пратеници за да гласаат за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Ова е текстот на член 81 став 1 врз основа на кој ја прекинaв седницата. А, во ставот 5 стои дека времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Собранието,  и никој друг. Тоа се дискрециони права според Деловникот“, истакна Џафери. (21.08.2023)

Премиерот пак, не коментирајќи ја суштината на итноста на собраниската процедура, одлучи да го критикува Вељановски.

„Во однос на толкувањето на Деловникот ќе ве повикам да разговарате со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со оглед на тоа дека Владата не раководи со седниците на Собранието, туку тоа го прави претседателот на Собранието, а колку добар претседател на Собрание бил Трајко Велјановски, тоа можевме да видиме на 27 април“, наведе Ковачевски.

На 18 август беше гласан само дневниот ред на собраниската седница чија единствена точка беше Потребата за менување на Уставот. По кусата расправа, дневниот ред помина со  само 70 гласа ЗА од власта, која претходно тврдеше дека има двотретинско мнозинство за да ги спроведе уставните измени.  

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста