Вештачењето на автобусот треба да даде одговори за причината за трагедијата

Дали биле исправни кочниците, воланот, гумите и останатите делови на автобусот на Дурмо турс, за кого едно од многуте патувања кон Гостивар беше последно и заврши трагично кај селото Ласкарци, ќе биде познато откако ќе заврши неговото вештачење.

Во касарната во Ѓорче Петров од вчера е автобусот на Дурмо турс, кој вчера излета кај селото Ласкарци. Дали автобусот бил технички исправен таму ќе проверуваат професори од Машинскиот факултет.

Основното јавно обвинителство Скопје кое ја води истрагата за оваа несреќа нареди со вештачење да се провери техничката исправност на автобусот. Уште вечерта, веднаш по несреќата дежурен јавен обвинител нареди да се провери крвта  и урината на возачот, а кај 49 годишникот резулатите беа негативни, немало ниту алкохол, ниту лекарства.

Директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфат Усеини, вчера во Отворено на Алфа, вели дека во истрагата треба да се провери и колку часови во текот на денот возачот возел, според законите е дозволено тој да вози 9 часа дневно со пауза од 45 минути .

-Овој прекршок може да се открие бидејќи секое возило е опремено со дигитален и аналоген тахограф. Се се снима внатре во тахографот, исто така се снима во картичката на возачот. Ако се анализира картичката на соодветниот возач, може да се открие на денот кога се случила сообраќајната несреќа, колку време тој го возел тоа возило или некое друго возило. Затоа што картичката може да се стави во возилото каде возачот вози, мора да ја стави, законска обврска, изјави Усеини.

Иако, возачот на автобусот на полицијата не и откри ништо за критичниот момент, а од истрагата се уште нема никакви информации, сопственикот на Дурмо турс, Дурмиш Белили, одговорноста ја префрли кон шоферот.

-Со него стапил во контакт одговорно лице на возниот парк, во моментот кога се случило тоа тој бил свесен и одговорил дека ја изгубил контролата. И во повторното прашање до него дали контролата над автобусот или самиот, одговорот негов бил дека сам ја изгубил контролата. Веројатно станува збор за некоја здравствена причина, изјави Белили.

Алфа постави прашање до Јавното обвинителство дали има некакви информации од вештачењето на автобусот и до кога истрагата би требало да биде завршена, но одговор се уште не добивме.

Инаку, од засега неутврдени причини, автобусот скршнал од коловозната лента, ја пробил банкината, влегол во коловозната лента каде се вози во спротивна насока, ја пробил и втората банкина, се превртел, паднал на стариот пат, повторно се превртел и паднал на кров во дол во нива.

Матеја Петровски