Вечер посветена на Никола Бадев и филм за Васил Хаџиманов во рамките на „Тиквешки гроздобер“
На традиционалната стопанско – туристичка и културна манифестација ,,Тиквешки гроздобер” ќе има и вечер посветена на Никола Бадев и филм за Васил Хаџиманов, информираше вечерва кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, објавувајќи ја целосната програма за фестивалот, на својата Фејсбук страница.
Програмата содржи карневалско дефиле, културни настани, изложба на олдтајмери, мото рели, таблијада, огномет. „Тиквешки гроздобер“ ќе се одржи од седми до десетти септември.
– За време на фестивалот ќе се обрне внимание на тоа да се опфатат активности за сите генерации, со зачувување и негување на традициите и обичаите типични за Тиквешкиот лозаро – винарски регион, пишува во програмата.
На градскиот плоштад во Кавадарци ќе се презентира тиквешка традиционална храна, како и вино, ракија, маџун.