„Вечерње Новости“: И Рикер ќе го сече „косовскиот јазол“

Планот на Вашингтон што побргу да се стави крај на дијалогот меѓу Белград и Приштина веројатно ќе биде помогнат од Филип Рикер, кој ќе го замени Вес Мичел на функцијата помошник на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија.

Искусниот дипломат и поранешен амбасадор на САД во Македонија е добар познавач на севкупните односи на балканите, пренесува ВН. Проценките се дека токму тој би можел да е еден од клучните луѓе, ако не и клучниот во разврзувањето на косовскиот јазол.

Овие претпоставки се поткрепени со дел од неговата официјална биографија: во 1999 година беше портпарол на американскиот преговарач во Рамбује за Косово, Кристофер Хил. Во 2003 и 2004 беше портпарол на Стејт Департментот, а потоа до 2007 година служеше во Унгарија, како заменик на првиот дипломат во мисијата на САД. Беше на должност и во Ирак, а во нашата земја престојуваше како амбасадор од 2008 до 2011 година.

Од тогаш па наредните 2 години беше заменик на помошникот секретар во Канцеларијата за европски и евроазиски работи, при што доаѓаше на турнеи низ Балканот. Во 2013 година учествуваше на дебата во универзитетот Северна Каролина на тема „Балкан: од војна и етничко чистење, до демократизација и интеграција во Европа“.