Вечерва во Битола започнува “Фестивал на музика од светот“

Љубителите на музиката во Битола, од вечерва во Центарот за култура три дена ќе можат да уживаат во годинешната понуда на интернационалниот “Фестивал на музика од светот“, со што, ќе биде одбележено десеттото јубилејно издание на овој атрактивен фестивал.
Фестивалот ќе го отвори групата “Синтезис“ со предзнак на нивното дваесетгодишно музичко постоење, утре настапувабендот “Џез- квартет“ и завесата ќе биде спуштена во недела со целовечерен концерт на атрактивниот бенд од Куба “Компанија фламенко“.

– Имаме бенд составен од петнаесет музичари кои се дојдени од куба и свират несекојдневен микс на кубанска и фламенко музика, така да битолчани ќе можат да уживаат и овој пат, со оваа програма- рече селекторот Оливер Јосифовски.

Во тридневното музичко дружење во Битола, фестивалот ќе понуди и алтернативна оф- програма со промоција на монографија за “Синтезис“, како и музички журки во битолските кафулиња со диџеј Maci, групата “In the Mood“ I “Cuбano quintet“. За жал, годинава Министерството за култура ги преполови средствата и за овој фестивал додели само 2,5 илјади евра.

Пеце Стефановски