Вечерва во Битола започнува Интернационалниот фестивал на монодрама-Министерството за култура не одвои ниту денар за него

 

Битола во наредните пет дена повторно ќе живее со сценската уметност и штиците што живот значат. Вечерва се крева завесата на 21. Издание на Интернационалниот фестивал на монодрама со премиерата “Бакхи- Краток преглед на распадот“ од Еврипид на Битолскиот народен театар која е вон конкуренција. Во официјалниот дел, единаесет актери од девет држави ќе се натпреваруваат со своите актерски креации, во монодрамата како жанровски тетарски израз. За жал, годинава Министерството за култура не одвои ниту денар за овој реномиран фестивал и Центарот за култура во Битола како организатор, го остави на цедило.

– Оваа година изостанува поддршката од Министерството за култура, која пак од друга страна беше поттик да се испробаме колкави се нашите сили со сопствени средства и со голема помош од Општина Битола и успеваме да го реализираме 21. Издание на интернационалниот фестивал на монодрама, што програмски по ништо нема да се разликува од другите изминати фестивали, дури можеби имаме поубава и збогатена програма- рече директорката на фестивалот Маја Андоновска Илиевски.

Поранешниот селектор Нина Мазур од Германија и сегашниот Пепи Мирчевски се еднодушни дека фестивалот има референтни уметнички вердности во европски рамки.

– Овој фестивал има високо уметничко ниво и само тој факт што овој фестивал опстојува толку долго и толку многу години го докажува тој факт- рече Нина Мазур, првиот селектор на битолскиот монофест.- Ме радува фактот што и во Македонија во последно време с епојавува с`е поголем интерес за монодрами и заинтересирани се с`е повеќе актери и автори заинтересирани за оваа форма на драма. Мислам дека ова издание ќе понуди многу интересни претстави и ќе биде задоволен сечиј вкус на публиката- рече селекторот Пепи Мирчевски.

На 13 мај, фестивалот ќе биде затворен со соло перформансот “Пасија по Биби“ на Петар Милошевски од Велика Британија, кој е надвор од конкуренција. Во натпреварувачкиот дел ќе гостуваат актери од Турција, Хрватска, Словачка, Бугарија, Молдавија, Русија, Црна Гора Монголија и Македонија, а покрај современите драмски остварувања, изведби ќе има и со делата на Гогољ, Булгаков и Плевнеш.