Ветувањето ќе важи само за најбогатите – за поврат на ДДВ од 500 треба да се потрошат над 20.000 евра

Само најбогатите кои годишно трошат над 20.000 евра ќе вратат една просечна плата со мерката поврат на ДДВ. Најсиромашните ќе добијат по само 738 денари, покажува анализата на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк.

  • Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година. Повратот на ДДВ ќе биде тежок за оние кои земаат просечна плата и уште потешко за оние кои земаат минимална плата, пресмета Фајненс Тинк.

Оваа анализа институтот за економски истражувања ја потврди пресметката што неодамна ја направи и телевизија Алфа.

Според владината проекција вкупниот годишен поврат на ДДВ кај сите домаќинства ќе изнесува 49.5 милиони евра. Ова е многу помалку од она што го ветуваше премиерот пред да стапи на функцијата.

  • Ќе имаме одличен систем и очекувањата се дека граѓаните ќе добијат меѓу 60 до 100 милиони евра годишно на самиот старт, а во зависност од процентот на успешност, толку повеќе ќе растат и вкупните пари што ќе одат кај граѓаните, но и во буџетот, рече тогаш премиерот Зоран Заев.

Мерката неколку пати се одложува. Според последните најави ќе стартува во втората половина од годината. Засега УЈП не е целосно подготвена. Од таму велат дека работните групи во наредниот период ќе ги утврдуваат деталите за кои производи ќе може да се враќа данок и колкави ќе бидат лимитите.

Управата се уште нема информации дали ќе може да се добие поврат на ДДВ само преку мобилен телефон или и на некој друг начин.

Борис Грујоски