Ветија 160 милиони евра субвенции во земјоделството, во буџетот предвидоа помалку од ветеното

Предизборните ветувања за земјоделски субвенции од 160 милиони евра годишно биле исполнети – уверува ресорниот министер Љупчо Николовски и покрај тоа што во буџетот се предвидуваат 140 милиони финансиска помош од кои само 107 милиони евра за оваа намена. Според него, ветувањата биле за висината на вкупната помош за земјоделците, а не само за субвенциите, износ кој, тврди, бил надминат и годинава. Препораките – дополнителните мерки да влезат во буџетот на основни субвенции засега не можеле да се испочитуваат.

Во предизборната програма План за живот јасно стои дека владејачката СДСМ ветува 160 милиони евра само за субвенции.

„За земјоделците, ќе ги зголемиме субвенциите на 160 милиони евра годишно. Предвидуваме 30 проценти повеќе субвенции за секое ново грло добиток, а 20 проценти за секој нов хектар. Граѓаните на кои основна дејност им е земјоделството и кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување, ќе ги ослободиме од плаќање данок. Ќе воведеме субвенции до 50% за нафта за земјоделската механизација“

Николовски без конкретен одговор ниту кога точно ќе се воведе мерката зелена нафта и покрај тоа што земјоделците ја бараат што поскоро пред пролетната сеидба. Вели и покрај тоа што предвиделе да им враќаат половина од сумата за гориво на земјоделците, мерката била на самиот старт, па догодина на сметките на земјоделците ќе легнат само 30% од вкупната сума. Подготовките биле при крај, а по две години одложувања, Николовски е сигурен дека конечно од 2019-та мерката ќе почне да се применува.

И покрај тоа што ветеринарите побараа намалување на ДДВ од 18 на 5% за ветеринарни лекови и услуги, Николовски без конкретни најави дали барањата ќе им бидат исполнети. Консултациите се уште биле во тек.

Годинава земјоделците во повеќе наврати протестираа, го истураа родот на патиштата или оставаа да скапува на нивите поради ниските откупни цени и лошиот пласман. Оштетени беа производителите на бостан, зелка, сливи, праски, а последни во зината се оние што одгледуваат јаболка бидејќи откупната цена во моментов е пониска од производната. Министерот смета дека со интервентната субвенција од 3 денари откупот достигнал 20.000 тони, што е само една третина од произведените количини, а за еден месец требало да достигне 50 илјади тони.

Тања Попова