Ветинг треба, ама има ли вистинска волја да се направи?!

Остана ли ветингот само предизборен популизам? Кога ќе се испливат на површина сите пропусти, ќе се натрупат критиките од сите страни, па дури и од меѓународната заедница, извршната власт признава дека има нешто труло во системот. Ветингот кој треба да го прочисти судството и обвинителството, со години само се говори но, ништо не се презема. Последното такво ветување дојде од премиерот Ковачевски пред нова година кога дури од Брисел најави забрзано законско решение кое го подготвувале заедно со првиот човек на интегративците Али Ахмети.
- „Разговаравме на ниво на коалициски партнери за донесување на закон за ветинг. За тоа разговарав и овде со највисоките претставници на ЕУ. Многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет, во насока да се намали можноста за каква било нефункционалност на оние кои што ќе бидат поставени на позиции. Тука, пред сѐ, мислам на намалување на корупцијата, криминалот и на подобрување на управувањето со институциите“ – рече Ковачевски на 06.12.2022.
Но, од тогаш до сега не се направи ниту чекор за промени во правосудниот систем, иако дури и владејчката ДУИ му даде ветер во грб на премиерот, па дури и тие требаше да бидат подносители на законските измени. Но, наместо предлог, нов говор јавноста слушна од премиерот во Собранието.
- „Веќе разговарав со претседателката на Европската комисија дека сакаме на експертско ниво да разговараме и спроведеме ветинг на сите избрани и именувани функционери, како и за сите кои ќе бидат избрани или именувани на функција“ посочи претседателот Ковачевски на 23.02.2023.
Претходно, во декември 2020та година пратеничката група на ДУИ до парламентот поднесе предлог-закон за ветинг за лица кои се носители на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт. Со овој закон се предвидуваше формирање на Агенција што ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат. Законот не помина, а десет дена подоцна Собранието се распушти поради закажаните избори.
Но, не само сегашниот и екс-премиерот Зоран Заев често пати знаеше да најави ветинг на судството, често користено во предизборна кампања или откако странските делегати ќе не искараа за големиот процент на корупција меѓу судии, но и ниската доверба на граѓаните во судскиот систем.
- „Баравме целосен реизбор во судството, не дозволи Европа затоа што секој треба поединечно да одговара а сме немале ресусрс од каде да надоместиме тој дел од праводуството. Еве овде од велес кажувам тоа што веќе беше јавно објавено: целосен ветинг во прасудството ќе има, и во судството и во обвинителството“, рече Заев, а 16.11.2019 година.
Сите правници и навладини во државата јасно укажуваат дека само темелни реформи би ја смениле сликата во системот кој дели правда, но процесот на ветинг со кој политичарите се расфрлаат и не е така едноставен. И додека домашните само најавуваат, меѓународната заедница децидно ни укажува дека мора да се засукаат ракавите и да се почне со работа.
Викторија Миткова