Ветерот помогна – конечно чист воздух во Скопје и во Македонија

Тоа што требаше да го направи Власта го направи ветерот. Во Скопје утрово силниот ветер го растера загадениот воздух и скопјани се разбудија во бран кислород. Концентрациите на опасните ПМ10 честички утрово во најголем дел од земјата беа на граница или под максималната граница на дозволеното. Единствено мерните станици во Струмица, Тетово, Кичево и Кочани регистрираа високи концентрации на ПМ10 честички. Ваквата промена во квалитетот на воздухот се должи на ведрото време и ветерот. Но мерните станици во најзагадените скопски општини Гази Баба и Лисиче веќе подолг период не се во функција.

Вчера кај Ректорат беа измерени 283 ПМ 10 честички, а во Центар 248. Ситуацијата е ист и во другите градови, завчера во Струмица според мерењето во 22 часот, беа измерени 538 пм 10 честички на метар кубен, во Битола 300,  Гостивар 270, Кавадарци со 269, а пак Куманово 265пм 10 честички на метар кубен.

И покрај тоа што два последователни денови бројките на смртоносните честички се запрепастувачки  и се десет пати над дозволеното, властите не воведоа вонредни мерки.

Тие поради аларматното загадување издадоа само препораки до граѓаните меѓу кои се користење јавен превоз, правилно користење на печките за дрва и ограничено движење на отворен простор на децата, старите и хронично болните лица.

Пред три дена министерот за здравство Венко Филипче најави дека хронично болните бесплатно ќе добијат маски за заштита од аерозагадувањето. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули пак со спротивен став од Филипче. Тој во онлајн разговор додека одговараше на прашања поставени преку социјални мрежи изјави дека тие сакаат да се справат со загадувачите, а не да им купат маски на сите луѓе.

Од УХМР најавија дека ветерот и ведрото време ќе се задржи и во следните денови, што значи воздухот би требало да остане чист барем до викендот.