Вести од културата: Министерот Асаф Адеми се сретна со познат тенор од Косово

Министерот за култура Асаф Адеми денеска оствари средба со светски познатиот тенор Раме Лахај, кој деновиве престојува во Скопје, пренесува МИА.

Адеми и Лахај разговарале за претстојниот гала концерт „Раме Лахај и пријателите“ со кој в четврток во Националната опера и балет за првпат ќе настапи Лахај пред македонската публика, а станало збор и за за можностите овој светски познат тенор да биде дел од реномираните фестивали во државата.

Од Министерството за култура информираа дека на гала-концертот, кој е во рамки на седмото издание на фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“, Лахај ќе настапи со други познати светски имиња како сопранот од Русија, Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецосопранот Марика Поповиќ. Со оркестарот на Националната опера и балет ќе диригира маестро Давид Кресцензи.

Лахај е еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација, пишува Македонската информативна агенција додавајќи дека се работи за добитник на наградата „Операција Пласидо Доминго“ во 2016 година. Има настапувано со светски познати оперски имиња. Познати се неговите настапи во Париската национална опера со Пласидо Доминго, во Бољшој со Сохиев, во Финската национална опера во Хелсинки и во Данската кралска опера, а има одржано и меѓународни концертни турнеи со Ангела Георгиу во Јужна Кореја и со Симфонискиот оркестар од Халиско во Мексико.