});

Венецијанска комисија: бојкотот е легитимно право

Бојкотирање на референдумот е демократско право на секој граѓанин, според Венецијанската Комисија. Според нив немањето цензус на референдум е еднакво на гласање “Против” истиот. Додека во македонската јавност се пласира дека процесот околу уставните измени ќе продолжи во Собранието ако има бојкот на претстојниот референдум – Во Кодексот на Комисијата при Советот на Европа од 2007година, стои поинаку. Членот 51 конкретно објаснува што значи терминот неуспешен референдум и како се толкуваат неговите резултати.

– Цензус за излезност значи дека, во најдобар интерес на оние кои се против предлогот, е да апстинираат/бојкотираат, наместо да гласаат против. На пример, ако 48% од гласачкото тело е ЗА предлогот, 5% е ПРОТИВ него, а остатокот од 47% од електоратот планира воопшто да НЕ ГЛАСА – тогаш петте проценти на противниците на предлогот треба само, на денот на референдумот, да не се појават на гласачкото место за да го наметнат своето гледиште над оние кои се ‘за’ , пишува во Кодексот на Венецијанската Комисија.

Пред 14 години во кампањата на СДСМ „Некои прашања не заслужуваат одговор “се повикуваше на масовен бојкот на референдумот за територијалната поделба. Сега Бојкотот не е опција.

-Во Македонија и надвор од неа постојат структури коишто не сакаат оваа држава да стане пристојно место за живеење, коишто не сакаат Македонија финално да се стабилизира и коишто не сакаат Македонија да успее во своите стратешки приоритети- членка на НАТО и ЕУ, вели министерката за одбрана Шеќеринска.

Битката за бојкот или излезност засега најмногу се води на социјалните мрежи. Стотици пораки со критики кон македонската Влада и повици за бојкот на претстојниот референдум биле избришани од социјалната мрежа Фејсбук обвинуваат активисти на движењето #Бојкотирам.

Нивните сомнежи упатуваат на веќе познатиот метод на координирана акција кои по налог на луѓе ја пријавуваат содржината на постовите со кои се повикува на бојкот како говор на омраза по што Фејсбук ги брише постовите.
Во некои земји Фејсбук има вработено стотици луѓе кои што ги проверуваат спорните пријавени постови. Доколку пријавата (report) е неточна Фејсбук го враќа постот, но за Македонија нема прецизна информација за процедурата со пријавените постови.

Лепа Џундева