Венецијанската комисија со критики до македонската власт

Венецијанската комисија не толерира било каков притисок врз националните претставници при верификација на законите кои ќе стигнат на нивна адреса. Во писмо испратено во македонското МНР и препратено до вицепремиерот Османи реагираат на скандалозната изјава дека Законот за двојазичност нема да се испрати во Стразубур додека македонски претставник е професорката Каракамишева. Од Влада ни потврдија дека писмото е пристигнато ама се правдаат дека немало опомени за изјавите на Османи, туку само информации за гласањето.

-Пристигнато е писмо до МНР кое е препратено до кабинетот на Заменик премиерот во Владата на Република Македонија. Содржината на писмото е објаснување на постапките за гласање во Венецијанската Комисија и ништо повеќе од појаснувањето,велат од Влада.

Професорката по уставно право Каракамишева која јавно беше повикана како пречка за барање мислење од меѓународните експерти во емисија на Алфа објави дека генералниот секретар на Венецијанската комисија, Томас Маркерт, реагирал дека владин притисок од каков било вид врз национален претставник не е дозволен и дека писмото е веќе доставено до кабинетот на Османи и на Заев.

Експресно само ден по изјавата на Османи, Владата обидувајќи се да го оправда говорот на вицепремиерот се пофали дека законското решение е веќе испратено до Комисијата. Ама владиниот двоец Заев-Ахмети, очигледно некоординирано се самодемантираа. Според Заев Законот за двојазичност во целост е испратен на верификација, за потоа Ахмети да изјави дека премиерот не ја кажува целата вистина, ами испратени се само одредбите кои се однесуваат на двојазичните униформи и парите, како што се договорила коалицијата.

Моментално и на официјалниот сајт на Венецијанската Комисија кратко стои информација дека премиерот на поранешната југословенска република македонија побарал мислење за Законот за јазици.

Ивана Соколовиќ Најдова