Вашингтон и Ципрас контра Каменос – нема алтернативи на Преспанскиот договор

Додека македонската Влада по пропуштената шанса на референдумот, се обидува да избоксува двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот, грчката ја води сопствената битка во два колосека. Министерот за одбрана Панос Каменос, кој претходно објави дека со оглед на резултатите од референдумот во Македонија смета дека Преспанскиот договор пропаднал, за Грчката државна телевизија објаснува две работи, прво – кој е неговиот алтернативен предлог како замена за Нивици и второ – дека тој веќе бил одбиен од американската администрација, а и Ципрас не го одобрил како дел од националната политика. Алтернативниот план на Каменос, како што го толкуваат грчките медиуми, содржи исполнување на геополитичките цели вклучени во Преспанскиот договор без при тоа да се допре прашањето за името.

– Алтернативниот предлог го знае премиерот, но го нема одобрено како национална политика. Имам разјаснето, дека ова требаше да биде алтернативен предлог во случај Договорот од Преспа да не оди напред или од наша или од нивна страна. Предлогот е да се гарантира безбедноста во регионот, по пример на трилатералните и квадрилатералните средби што ги одржува Грција,  да се направи еден договор во кој ќе учествуваат Албанија, Бугарија, Грција и Македонија и САД, а подоцна да се приклучи и Србија – изјави Панос Каменос за грчката државна телевизија ЕРТ.

Според Каменос со потпишувањето на вакви договори би се спречило руското влијание на Балканот, би се зајакнала стабилноста на балканските земји меѓу кои и на Македонија, а дури во иднина ќе се решава за името на земјата. Од Вашингтон меѓутоа му рекле дека тие инсистираат на поддршка на Договорот од Преспа по што самиот разјаснил дека „позицијата на владата секако и понатаму е Договорот од Преспа, како што е изразена од министерот за надворешни работи и премиерот“.

Премиерот Ципрас од своја страна притиска дека неговиот договор со Заев нема никакви алтернативи и без заобиколување објавува блокада за Македонија на сите можни нивоа, ако истиот пропадне.

– Ако нашите соседи го отфрлат овој договор преку процесите кои што се целосно за почитување и предвидени од нивниот Устав, ќе треба да знаат, и морам да го кажам тоа искрено, дека нема да има алтернативни решенија за нивен влез во Европската унија или во други меѓународни организации во кои сакаат да се зачленат или веројатно во одбранбени сојузи и соработки во кои Грција учествува или ќе учествува. Грција нема да дозволи, нема да прифати влез на соседната земја во НАТО, во Европската унија или во друга меѓународна организација или во било кој друг состав на безбедносна соработка со уставно име што ќе биде Република Македонија, вели Ципрас.

Сепак, силно изразеното разногласие меѓу одлучувачките фактори во грчката влада и дополнително, жестокото противење на опозициската „Нова демократија“ покажуваат дека ситуацијата е многу покомплексна отколку што се претставува. Иако тој реално може да запне и во Грција каде се нудат и поинакви решенија, на македонската јавност ултимативно и се наметнува дека Преспанскиот мора помине по секоја цена, или во спротивно ќе следат сценарија кое од кое пострашно, па дури се доведува во прашање и самото опстојување на државата.

Драган Милосављевиќ