Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица, но за властите во Македонија изгледа таа не е „Света“

Зошто никаде не пишува Света Мајка Тереза, кога уште во 2016 година Гонџа Бојаџиу беше прогласена за светица – и зошто има само еден мал и незначителен крст како показател на нејзината религија? Не стивнуваат бурните реакции за спомен плочата на Мајка Тереза. Споменикот беше откриен на нејзината 110-годишнина од раѓањето во центарот на Скопје, на местото каде што и се наоѓала родната куќа.

„Самата спомен плоча нема ниту идеолошки, ниту суштински концепт“ – реагираше креаторот на химната за Мајка Тереза, Дијана Тоска. Според неа, на плочата требало да пишува Света Мајка Тереза, оти таа уште пред четири години беше прогласена за светица.

Ако видите на другата плоча има крст, идентификација на Мајка Тереза. На плочата на албански јазик нејзиниот крст не е поставен и тоа остава многу прашања. Што се крие зад тоа? Зошто не е поставен? Кој се плаши од идентитетот или да не карикирам да кажам, дали ќе се преиначи Мајка Тереза во муслиманка? Ова е невиден апсурд – вели Дијана Тоска.

„Она што се случува на плоштадот во Скопје е прво поради незнаење, второ заради личните интереси“ – не остана рамнодушен ниту истражувачот на животот и делото на Мајка Тереза – Антон Серечи. Плакетата ја нарече хорор и грдосија во срцето на градот.

Остри критики има и на социјалните мрежи. Низа прашања се поставуваат –  зошто го нема епитетот „Света“, зошто недостасува идентификација дека Гонџа Бојаџиу била католик, и зошто има само еден крст. Граѓаните сметаат дека спомен плочата, која е впрочем саркофаг, е недостојно обележје за таква светска личност.

Реакции имаше и за поставеното име на донаторот. Упатените сметаат дека ако се земе предвид хуманитарниот аспект, донаторите не би требало да се потпишуваат, во спротивно, може да лежи политичка позадина.

Адријана Алексиеска