Бoјаџи: Непријателски чин е пресудата на кривичниот суд, власта спроведува план да ја уништи телевизијата 

Непријателски чин на власта е пресудата за Алфа телевизија. Кога сите докази се на наша страна, одлуката на Скопскиот кривичен суд не може да се коментира на поинаков начин – дециден е управителот Јани Бојаџи. Тој предупредува дека владејачкото мнозинство ги користи обвинителските и судските институции да се пресметува со телевизијата само затоа што не им се допаѓа уредувачката политика. Тоа за Бојаџи е недозволиво.

  • „Првостепената пресуда на Основниот суд што сега ни се случува е само потврда на нивната идеја нас да не третираат како непријатели и државата, посебно судовите и обвинителствата да ги користат како алатки за борба против нас. Видете, во ова време во кое буквално се распаѓа економијата во државата, во година во кои ние се наоѓаме во економски турбуленции, вие да казните трговско друштво за правен настан кој настанал пред 10 години, во 2014 година, со основни трошоци од 100 илјади евра, со камати ќе се зголемат најмалку на 250 илјади евра, што се четири месечни плати на вработените, е непријателски чин“ – вели управителот на Алфа, Јани Бојаџи.

Сомнежите  дека пресуда не се базира на докази, го потврдува и фактот дека се гони само правното лице, но не и управителот на телевизијата во тоа време. Управителот Бојаџи вели дека со правниот тим на телевизијата ќе побараат правда од повисокиот суд бидејќи сите докази и супервештачењето кое беше изработено по барање на Судскиот совет во постапката покажуваат дека правното лице „Алфа Скоп“ не го прекршила законот и не направила затајување на данок.

  • „Спротивно на законите, спротивно на супервештачењето, спротивно на експертите во форма на судски вештачи кој истиот тој суд ги поканил да вештачат, а тие утврдиле дека ние не сме направиле прекршок, а вие носите одлука со која не осудувате четири месеци да ни ги земете платите, тоа за мене е акт на непријателство“ дециден е Бојаџи.

Жалба на пресудата на првостепениот суд најави и бранителот на телевизијата. Адвокатот Панче Тошковски предупреди од преседан. Тој јасно укажа дека судската пракса не познава ваков начин на ценење на доказите кога еден Судски совет во постапката не поклонува верба на супервештачење кое се изработи по нивно барање.

Инаку, Кривичниот суд пресуди дека „Алфа Скоп“ наводно не платила данок од 84 илјади евра во 2013 и 2014 година, ја задолжи да ги плати судските трошоци од околу 1 200 евра и дополнително ја казни со 5 илјади евра. Сите докази ја потврдуваа одбраната, но судот одлучи спротивно и во пресудата не наведе ниту една конкретна причина зошто ја осудува телевизијата.

Advertisements