Буџетот за 2019 година во завршна фаза во Собранието

Предлог буџетот за наредната година во завршна фаза во законодавниот дом. Пратениците жестоко дебатираа за најклучните ставки, повисоките даноци и придонеси, како и слабата реализација на капиталните инвестиции. Опозицијата обвини дека власта само препишува стари проекти на претходната Влада, но нема ништо свое допрва да направи. Сметаат дека оваа година ќе се повтори, односно капиталните инвестиции ќе се скратат со ребаланс на буџетот.

Пратениците од СДСМ, пак, објаснуваа дека пари имало доволно и дека ќе се искористат, дека повеќе финансии биле наменети за патишта, железница, гасификација, но и за поттикнување на странски инвестиции и нови вработувања.

Министерот за финансии уверуваше дека економскиот раст од 3.2% догодина е остварлив. Доказ за домаќинската политика на Владата бил нискиот буџетски дефицит од два и пол отсто и покрај тоа што претходно веќе најави дека јавниот долг догодина би можел да достигне 54% од БДП. Во своето објаснување на буџетот најмногу се задржа на порастот на платите, за кое опозицијата го искритикува дека се прави наменски пред избори.

Дебата се разви и за парите со кои ќе се купуваат нови возила и мебел кои достигнуваат 7 милиони евра. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Владата дека ќе троши на луксуз, оние од СДСМ, пак, тврдеа дека мебелот бил наменет за во образованието, а возилата во МВР. Овој буџет е историски најголем со проектирани расходи од 3.7 милијарди евра и вкупни приходи од 3.4 милијарди евра.

Тања Попова