Бурните реакции за непотизам во јавноста даваат резултати – дел од блиските на функционери почнаа да даваат оставки

Притисокот и бурните реакции на јавноста за бројните вработувања на децата и блиските роднини на пратениците и функционерите од власта ги даде и првите резултати. Мајката на пратеникот Костадинов и синот на пратеникот Мисовски први се повлекуваат од новите примамливи работни места.

Фанија Костадинова, за која беше обезбедено место во Централниот Регистар во Струмица се повлекува од работното место. Одлуката била од морални причини, тврди нејзиниот син, а не поради нерегуларности при вработувањето.

И синот на пратеникот Горан Мисовски кој стана стручен соработник во Агенцијата за супервизија на осигурување под притисок на јавноста си даде оставка од работното место.

Новото законско решение за висока раководна служба кое ќе се претстави до крајот на месецов според министерот Манчевски ќе бил концептот за гаранција при вработување и за изборот на кадри во иднина.

И додека Антикорупциска отвори 18 предмети за вработувања на блиски роднини на функционери од актуелната власт, опозицијата обелодени нови случаи на непотизам во Неготино. Пратеникот од владејачкото мнозинство Ристо Ташев од Неготино и обезбедил работа на својата сестра во основно училиште, а градоначалникот Тони Делков пак ја вработи сопругата како наставник во училиште во с.Долни Дисан.

Засега нема информации дали некој од блиските роднини на пратеничките Мира Стојчевска и Милева Ѓорѓиева вработени во неколку државни институции  како случаи кои привлекоа огромно внимание ќе поднесе оставка од функцијата.

Како најатрактивни позиции за вработување на роднините на функционерите се ЕЛЕМ и Мепсо, но и останатите државни институции за плати повисоки и од 30.000 денари.

Ивана Соколовиќ Најдова