Бурата „Пинелопи“ создава проблеми ширум Грција

Силниот ветер и обилниот дожд во делови од Грција, што ги донесе невремето „Пинелопи“, предизвикаа штети на неколку острови, но и забрана за пловидба на бродовите.

Поради силниот северен ветер кој во делови од Егејското Море достигнува јачина и до 8-9 Бофор, сите бродови, веќе втор ден се закотвени на трите атински пристаништа.

„Пинелопи“ донесе студ, дожд, ветер и снег во голем дел на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. На островите Лезбос и Крит, од обилниот дожд беа поплавени улици во повеќе населби, предизвикана е материјална штета на патната мрежа, а проблеми создаде и силниот ветер кој беше причина за пад на дрвја.

Во Северна Грција, голем дел од градовите веќе се покриени со снег.