Бундесратот инсистира на забрана за носење бурки во судовите

Горниот дом на германскиот Парламент – Бундесратот постигна согласност за тоа да инсистира пред Долниот дом – Бундестагот, за забрана на носење бурки и друга облека која го покрива лицето во германските судови.

Во предлогот, кој ќе биде претставен во Бундестагот, Бундесратот истакнува дека носењето секакви шамии, бурки, маски и шлемови треба да биде забрането во судовите, затоа што ја поткопува способноста на судот за утврдување на фактите и на веродостојноста на сведочењето.

Во моментов секој судија поединечно одлучува дали сведоците можат да ги покријат нивните лица, но Бундесратот инсистира на целосна забрана.

Законодавниот орган во денешната одлука признава дека забраната за жените муслиманки да носат шамии во суд претставува повреда на нивните верски права, но нагласува дека тоа ограничување е помалку важно од способноста на судот законски да утврдува факти.

Бундесратот ги претставува 16-те федерални провинции на Германија.