Бугарски торпеда – Македонија и Бугарија да бидат како Грција и Кипар – Каракачанов бара анекс на Договорот за пријателство

Не го признавме македонскиот јазик, бидејќи е творба на Коминтерната. Нема да дозволиме да ги крадат Самоил и Григор Прличев, нема да влезат во НАТО и ЕУ ако, продолжат да лажат, Потребен е анекс на Договорот за пријателство. По грчкиот бес од минатата недела, сега и бугарските политичари во низа истрелуваат критики и закани кон Македонија. Последен во низата е европратеникот Андреј Ковачев кој вели дека во земјава се зборува западно-бугарски дијалект и не советува да бидеме за Бугарија она што е Кипар за Грција.

Само вистината ќе ни помогне и на нас и на нив и ќе помогне Македонија да тргне многу побрзо напред. Треба да бидеме како Грција и Кипар, тие постојано си помагаат и секогаш се рака под рака. Затоа имаме добронамерен апел до нив: немојте да правите такви провокации. Охрабрете ја Комисијата да си ја заврши работата како што е договорено, врз база на автентични документи од соодветната епоха – вели европратеникот Андреј Ковачев.

Најревносен во заканите и натаму е вицепремиерот Красимир Каракачанов кој освен навредите дека македонскиот јазик е творба на Коминтерната и пораките дека на Бугарија и го крадеме Самоил, отворено порачува дека за Македонија нема место во ЕУ и НАТО доколку не се промени, односно додека не ги задоволи бугарските барања.

Тие сега се обидуваат да ја спуштат топката со таа Комисија, со правење на некаква декларација за пријателство, ние да ги пуштиме да влезат во ЕУ и НАТО, а потоа тие како членка на НАТО и ЕУ да си прават како што си сакаат. Ние не би требало тоа да го дозволиме и нема да го дозволиме – се заканува Каракачанов.

Каракачанов тврди и дека со Договорот за пријателство Бугарија не се обврзала да го признае македонскиот јазик. Вели дека е нужен анекс на Договорот, во кој ќе пишува дека историјата на денешна Македонија била заедничка со таа на Бугарија до 1944 година.

Во Договорот ние никаде не зборуваме дека Бугарија ќе го признаеме таканаречениот македонски јазик, кој е творба на Коминтерната. Во 1945 година, има снимки на кои се гледаат новите букви, има и протоколи во кои се вели: Ние сега треба да ставиме српски зборови, за максимално да се оддалечиме од бугарскиот. Е тој јазик ли треба ние да го признаеме? – прашува Красимир Каракачанов.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, прва порача дека требало да се избришат трагите од „перењето мозоци“ дека постојат Македонци, што беше увертира за бранот заканувачки пораки од Софија кон Скопје. На сето тоа премиерот Заев одговара: Со Бугарија постигнавме Договор за пријателство во кој се вели дека дел од историјата ни е заедничка. На Балканскиот полуостров навистина дел од историјата споделуваме со нашите соседи. Така е и на светско ниво. Важно е меѓусебно да се почитуваме, а дека сум Македонец и дека зборуван на македонски јазик е мое право и тоа е европска вредност.

И од македонското МНР се задоволија само со одговор дека имаме потпишано Договор за пријателство и дека во духот на тој договор ќе продолжиме со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика.

Драган Милосављевиќ