Бугарски пари за културни клубови во Македонија: Доктор кој тврди дека сме еден народ со Бугарите и Владата на Бугарија главни финансиери на „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“

Човек кој тврди дека во Македонија и Бугарија живее еден народ и бугарската Влада, се меѓу главните финансиери на „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, бугарските културни клубови во земјава именувани по докажани соработници на фашистичкиот режим. Еден од оние кои финансира најмногу е докотор Милен Врабевски, основач и претседавач на Фондацијата „Бугарска меморија“. Често во неговите јавни излагања токму тезата дека Македонија е бугарска е една од доминантните теми на кои сака да говори.

-Редно е Бугарија преку Бугарската православна црква да преземе некаква одговорност за духовниот раст на младите поколенија и на таа наша територија. Од двете страни на границата живее еден народ. Јас искрено верувам дека патријархот е духовен водач на тој народ, порачува Врабевски.

Врабевски беше и човекот кој организираше вакцинација против ковид 19, за како што самиот ги нарече браќата и сестрите во Македонија, порачувајќи дека има голем број граѓани со бугарски документи, кои не смееле да останат невакцинирани.

-Има над 120.000 граѓани со бугарски пасоши во Македонија и ние бевме должни да им помогнеме, кажа Врабевски.

Организациите како оваа на Врабевски, сепак не се единствените кои ги финансираат овие клубови во земјава. Пари за тоа доаѓаат директно и од државната каса на Бугарија. Во буџетот за 2022-ра година за бугарските здруженија во Македонија, Србија, Косово, Албанија, Украина и Молдавија се предвидени 400.000 евра. 

-Програмата трае до 2024 година и ќе финансира проекти од различни области во чија основа е зачувување на бугарската култура и самосвест, нивно популаризирање во странство, како и грижа за локалното културно и историско наследство, поддршка на бугарскиот јазик во странство и емитување медиумски материјали на бугарски јазик, изјави заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев.

Иако е јасно дека бугарските културни клубови добиваат и државни пари од Бугарија, сепак за премиерот Димитар Ковачевски не постои причина да се реагира кај бугарските власти за изборот на имињата на овие здруженија. Вели требало да се реагира дома, бидејќи оние кои ги отворале биле македонски државјани.

-Мора да бидеме свесни дека тој клуб го отвораат македонски граѓани, така да ако треба некому да му реагираме, тоа е македонските граѓани, кои што живеат во нашата држава и кои што треба да има чувство за граѓаните кои што имаа резерва спрема тоа име, односно таа личност, изјави Ковачевски.

И покрај жестоките реакции во јавноста, од луѓе со бугарска самосвест веќе се отворени два културни клубови со спорни историски имиња, а постои најава дека ќе се отвораат и нови. Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи државата во моментов е немоќна да го спречи нивното никнување, бидејќи според законот не смееле да забранат здружување на граѓани.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста