Бугарски лингвисти и историчари во ЕП ќе ги бранат бугарските позиции за Македонија
Историчари и лингвисти од Бугарија следната недела во Европскиот Парламент во Стразбур ќе ги бранат бугарските позиции во спорот со Македонија. Како што пренесуваат тамошните медиуми, сакале да им објаснат на европратениците дека почеток на преговори на Македонија со ЕУ е можен само откако таа земја ќе ги исполни условите што ги бара Бугарија. Во бугарската група која заминува во Стразбур е археологот Николај Овчаров, историчарот Пламен Павлов и филологот Ана Кочева.
Токму овие тројца интелектуалци минатиот месец ја промовираа платформата Национален круг за Македонија, која ќе значела одбрана на бугарската Рамковна позиција и Декларацијата на Народно собрание, во однос на евроинтеграцијата на Македонија.
Археологот Овчаров, пред две недели образложи дека досега на неколку бугарски влади им укажувал на потребата од формирање „група за брза реакција“ која ќе ги обиколи европските и светските метрополи, за да ја разјасни вистината за историските прашања што ги оспорувала Македонија.
-Нема вето во моментот, има неисполнување на критериумите од страна Македонија за членство. Ние го сакаме само елементарното што го сака секоја земја која е кандидат, вклучително и Бугарија, односно да се исполнат условите. Што се однесува на нашите односи ти е лежат на јасна и точна основа – на договорот за Добрососедство и на рмаковната спогодба,вели Овчаров.
Додека Бугарските власти и интелектуалци лобираат во европските институции за поддршка за бугарското вето, македонскиот премиер Димитар Ковачевски се правда дека не постоел документ во кој се прифатени барањата само на една страна. Наместо да ја искористи можноста да испрати јасна порака за бугарската блокада пред своите колеги на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан во рамки на Форумот ГлобСек во Братислава., Ковачевски говореше за кредибилитетот на Унијата.
– Проблемот лежи во самиот пристап, дали сакате да донесете брза и храбра одлука и да завршите одреден процес или пак само сакате да работите околу процесот, но без некаква цел да го завршите. Што се случи, процесот заснован на заслуги, секако зборувам за нашата држава, во кој сите ресурси се насочени кон самиот процес, стана типично политички процес. Од друга страна нема алтернатива, затоа што ако ги видите економиите на Западен Балкан попатно една работа беше постигната за Балканскиот полуостров, бевме Балкански Полуостров, а сега зборувам за Западен Балкан. , истакна Ковачевски.
Во очи на самитот на ЕУ на крајот од месецов, бугарскиот претседател Румен Радев одбива лична средба со францускиот колега Макрон, ама затоа пак навести и можен референдум околу ова прашање, за да најде поддршка од граѓаните или легимитет дека ставовите на бугарските власти не биле спротивни на меѓународното право.
Ивана Соколовиќ Најдова