Бугарски лекари без пари лечеле „Бугари“ во Албанија- нови провокации врз македонското малцинство
Продолжуваат обидите за бугаризирање на Македонците во Албанија, овој пат преку бесплатни кардиолошки прегледи. Ова е последниот проект на фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот тајкун Милен Врабески кој се обидува да им всади нов идентитет на нашинците од Албанија.
На ова реагира македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Тие најостро ги осудуваат, како што велат, произволните и крајно навредливи изјави дека населението во Мала Преспа било бугарско.
-Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Албанија. Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците досега не го донесе посакуваниот ефект, секако ги алармира сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците, а особено во областа Мала Преспа, се вели во реакцијата на МД „Илинден“ од Тирана.
Од македонското здружение додаваат дека и на Македонците низ цела Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи на пациенти треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа да се изјаснат како Бугари на претстојниот попис во Албанија.
Ваквите потези од бугарска страна не се ништо ново. За овој проблем во минатото говореше и лидерот на партијата на Македонците во Албанија и пратеник во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски. Вели дека Бугарија врши геноцид врз македонското малцинство во Албанија, со добро разработена шема за лесно издавање бугарски пасоши, за Македонците од таму полесно да заминат кон Европа.
-Со ова што се бара од страна на Бугарија да се признае бугарско малцинство фактички вршите геноцид врз македонското малцинство. Затоа што Бугарија бара малцинство во делот кај што има Македонци. И укажавме дека се работи за планот на Санстефанска Бугарија, тоа е целата суштина. Дека Бугарија е член на ЕУ и ќе го злоупотреби своето членство за да влијае и врз Албанија, за да ги асимилира Македонците“ рече Стерјоски.
Ова е само еден обидите за бугаризирање на Македонците во Албанија. Претходно бевме сведоци и на други акции, како на пример делење на фудбалски топки за младите Македонци од Мала Преспа, како и делење пакети храна од бугарските здруженија. Еден од помалку и смешните обиди за бугаризирање на нашинците беше и инсталирањето на бесплатна бугарска кабловска телевизија.
Инаку, првиот човек на „Бугарска меморија“ Милен Врабевски е еден од главните финансиери на здруженија кои тврдат дека Македонците се Бугари. Тој беше еден од главните спонзори и на бугарските културни клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Матеја Петровски