Бугарските провокации пуштени на најјако: Никола Вапцаров и Македонците биле Бугари кои само живееле на територија на Македонија

Никола Вапцаров и најголем дел од Македонците биле Бугари, кои живееле на територија на Македонија. Ден по отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград, нова серија провокации од Бугарија. Членот на заедничката историска комисија, Наум Кајчев, вели дека историските факти се јасни, а тоа е дека сме биле еден народ, односно и во Македонија и од другата страна на источната граница живееле Бугари.

-И ние како народ имаме јасно минато, како родово, така и семејно. Исто така и историските факти за нашите две страни, Бугарија и Северна Македонија се недвосмислени дека во минатото поголемиот дел од нашето население составувал една етничка група, односно еден народ, каков што бил на Вапцаров родот. Географски македонски и народно односно национално бугарски. Во тоа не може да има никакви сомнежи, изјави Кајчев.

По оваа провокација од Софија, дојде нова од Благоевград, од градоначалникот Илко Стојанов. „Никола Вапцаров“ не е културен клуб, туку обична канцеларија каде приватно се собираат луѓе и не може да го носи името на овој македонски поет, смета првиот човек на Благоевград.

-Клубот е нелигитимен затоа што тоа место каде што се собрале, апсолутно не одговара на Законот за територијално планирање за воопшто да е културен дом. Повеќе би кажал дека е канцеларија каде што се собираат луѓе и освен тоа, тие се собираат на приватен принцип. Просто, решаваат да се соберат, дали во градинка, дали во канцеларија, дали во дом, така што тоа на никаков начин не може да го носи името на Никола Вапцаров, изјави Илко Стојанов.

Провокации пристигнуваат и од оние кои тврдат дека имаат бугарска самосвест во Македонија. Првиот човек на ГДУ, Петар Колев, со скандалозен статус на Фејсбук, објавувајќи фотографија од постари луѓе во културниот клуб напиша „Биологијата е наука која решила голем број прашања на човештвото. На пат е и ќе го реши и прашањето за „Македонците“ во Бугарија.“

По објавата на социјалните мрежи Колев се појави и во студиото на БТВ во Софија, од каде говореше за европската иднина на Македонија. Според него длабоко сме лажеле дека со двојни игри од времето на Југославија, ќе сме имале европска иднина.

-Македонија бара начин како сама да си стави вето на патот кон ЕУ. Затоа што тоа веќе не е во рамките само на Бугарија, тоа се следи од Европската Комисија и Европскиот Совет. Јас нема да се изненадам ако македонската власт продолжи со таа лицемерна политика. Од една страна осудува такви појави, од друга страна секретарот на претседателот на тој настан во Благоевград, изјави Колев.

Инаку, на отворањето на културниот клуб „Никола Вапцаров“ иако поканет не присуствуваше, премиерот Димитар Ковачевски, а немаше ниту делегација од Владата. Иако поканет не отиде ниту македонскиот претседател Стево Пендаровски, но барем го испрати шефот на својот кабинет Миле Бошњаковски. На поканата позитивно одговори, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и беше присутен на отворањето на македонскиот културен клуб.

Матеја Петровски

Advertisements