Бугарскиот патријарх Неофит за македонското прашање: „По промената на името ќе има радост“

Бугарската православна црква ќе продолжи да помага за решавање на статусот на македонската црква, најави денеска бугарскиот патријарх Неофит.

Важно беше да се утврди името на државата и верувам дека постепено ќе одиме кон радост. Ќе направиме сè што е неопходно, со Божја помош, радоста на нашите браќа од Македонија да биде целосна“, изјави патријархот Неофит одговорајќи на прашање на „Бгнес“ на какво ниво се односите и дали бугарската црква ќе продолжи да ѝ помага на црквата во Македонија.

Претходно Неофит за прашањето за автокефалноста на Македонската православна црква најави дека истото ќе се поведе кога ќе се реши прашањето за името на земјата, пренесоа бугарските медиуми.

Кога ќе се разјаснат сите детали за името на Македонија, сигурно ќе се поведе прашањето за црквата“, изјави тогаш Неофит.

Бугарската православна црква при крајот на 2017 година прифати да ја застапува МПЦ пред другите цркви преземајќи сè што е неоходно за утврдување на нејзиниот канонски статус, но не прифати МПЦ да ја признае како своја ќерка-црква – иако МПЦ тоа го побара од неа.

МИА