Бугарска партија бара да признаеме дека сите македонски херои се Бугари

Македонија да се воздржи од шпекулации и да ги признае за Бугари практично сите личности од своето минато. Лидерот на бугарската партија Атака Волен Сидеров, најави дека ќе предложат измени во членот 11 од Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија за немешање на бугарската историја во македонските учебници по историја. Наводно загрижен бидејќи во бугарското општество постои расположение да се приспособат и да се преработат одредени периоди од бугарската историја, Сидеров најавува дека со измените во Договорот ќе обезбеди заштита на настани и личности кои, според него, се бугарски а Македонија се обидува да ги украде. Претседателот на парламентарната група на Обединетите патриоти, потсетува дека со Преспанскиот договор Македонија се обврзала да се откаже од античкото потекло, па „за да се заштити бугарската историја“, требало конкретно да се наведе дека Скопје нема да ги украде „делото на светите бугарски просветители Кирил и Методиј и нивните ученици, на бугарските владетели од династијата на комитопулите – Самуил, Радомир, Иван Владислав и Алусиан, како и дејците на црковната, книжевна и националноослободителната борба“.

„Двете договорни страни ќе се воздржат од секакви шпекулации и обиди за присвојување на историските настани или личности кои се дефинирани како заеднички за двете договорни земји. Секоја од двете договорни страни ќе се воздржи од какви било шпекулации и обиди на присвојување на историски настани или личности што се дефинирани дека припаѓаат единствено кон историјата на едната од двете договорни земји“ – стои во предлогот на Волен Сидеров.

Според бугарски „Фокус“, лидерот на Атака ја повикува Македонија да се воздржи од напади на сите историски личности поврзани со националноослободителната борба и борбата за обединување на бугарскиот народ во обединета држава, покривајќи ги територијалните граници на Бугарската егзархија, што во превод значи дека треба да се откаже од Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Прличев, Мисирков и сите останати херои и дејци кои работеле и се бореле во тој период од историјата.

Драган Милосављевиќ