Бугарската цензура на Македонија почна да се спроведува на дело: Сега на удар актерот Сашо Тасевски
Бугарскиот договор и протколите кои произлегуваат од него почнаа да изведуваат македонски граѓани пред судовите за наводен говор на омраза. Еден од нив е актерот Сашо Тасевски, кој добил пријава од невладина организација пред комисијата за спречување дискриминација, по што завршил пред прекршочен суд.
- „Тој „говор на омраза“ се користи како алатка за замолчување на сите оние јавни личности кои што ги критикуваат негаторските политики на официјална Софија кон Македонскиот народ“ – Вели тој.
Тасевски на суд завршил и за објави на социјалните мрежи, но и за неговите стенд-ап комедии. Со ова се нарушува слободата на говор која е уставно право. Вели дека пробугарски организации ги следат сите негови настапи и го пријавуваат, но е дециден – немало да биде замолчен. Според актерот, македонските институции сега ги гонат сите оние кои го бранат македонскиот идентитет во македонската држава.
- „Ние сме препуштени сами на себе, да бидеме прогонувани во сопствената држава од разни комисии и бугарски здруженија да не влечат по судови во сопствената и евентуално да те удрат по џеб, со цел да те замолчат.“ – Истакна Тасевски.
Судот во меѓувреме ја врати пријавата назад во комисијата за заштита од дискриминација, да дообјаснат на кој начин актерот ширел говор на омраза и ги навредил членовите на бугарските здруженија.
Алфа се обрати и до Комисијата, прашавме кои следни чекори ќе ги преземат, но одговор оттаму не пристигна.
За случајот се огласи и академската јавност. Академик Катица Ќулавкова на социјалните мрежи напиша дека ова и наликува на државно насилство кое наликува на колнијални, авторитарни и нацистички режими.
- „Не може да толерирате експлицитен и вулгарен говор на омраза на европратеници и конвертирани Македонци, а да прогонувате говор на љубов спрема медонскиот идентитет.“
До Комисијата за заштита од дискриминација досега се пристигнати десетици пријави за наводен говор на омраза против Бугарите, а дел од нив, како случајот со актерот Сашо Тасевски, завршуваат и пред прекршочните судови. Досега нема предмет за говор на омраза против Македонци, што станува се почеста појава на социјалните мрежи.
Никола Цветкоски