Бугарија уценува: Или осуда и кривични за Македонците што ќе ги навредат Бугарите или ново вето

Она што Бугарија ќе го смета за говор на омраза од македонска страна, станува официјална позиција и на Европската Унија. Официјална Софија бара кривична одговорност за луѓето кои изразуваат револт против секојдневните бугарски провокации и културните клубови „Цар Борис Трети“ и „Ванчо Михајлов“ во спотивно може да ни следува нова бугарска блокада на европскиот пат.

Бугарија пред Советот за општи работи на ЕУ бара она што тие го толкуваат за говор на омраза врз етничките Бугари во Македонија, да добие директна европска осуда. Покрај тоа и преку Европската Унија се бара кривично гонење за оние кои официјална Софија би оценила дека шират омраза. Бараат овие бугарски позиции да бидат вклучени во документот на министрите за европски прашања на земјите членки, објави порталот Еурактив.

-Софија побара дополнување за активно следење на истрагите и пресудите за злосторства мотивирани од омраза против бугарската заедница и тие остануваат приоритет, пишува Еурактив.

Ова го потврдуваат и од бугарската канцеларија во Европскиот Парламент, од каде велат дека нема никаква блокада, но потенцирајќи дека тоа може да биде променето ви иднина.

-Сè уште немаме блокирано ништо, ние сме во контакт со чешкото претседателство за додавање договорен текст, кој е користен претходно. Ние сме конструктивни, а истото го очекуваме и од Претседателството, изјавил Димитар Јапраков- портпарол на бугарската канцеларија во Европскиот Парламент.

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Васко Наумоски, вели дека ваквите потези на Бугарија се очекувани и дека во иднина можеме да очекуваме голем број сопки на европскиот пат од страна на официјална Софија.

-Не е тајна дека Бугарија ќе се обиде на секој можен начин да го забави нашето зачленување во Европската Унија. Односно да ги оддолжи сите оние процеси кои што значат отворање и затворање на соодветните поглавја, посебно во областите каде што тие ќе најдат причина поврзана со минатото или историјата, тоа се пред се поглавјата поврзани со културата, образованието, дури и заштита на човековите права, изјави Наумоски. 

Бугарија пак не ја интересира она што беше изгласано во македонскиот Парламент. Па наместо затворање или преименување, бугарските намери се отворање на нови 20 културни клубови во Македонија.

Според бугарскиот бизнисмен и финансиерот на клубовите Милен Врабевски регистрирањето на нови клубови е начин да се решело насилството кон бугарското здруженија.

Матеја Петровски

Advertisements