Бугарија си најде нова мета: Откако Македонија по се изгледа ќе им прифати се, сега ќе ја блокираат Србија

Откако по се изгледа од Македонија ќе добијат се што бараат, Бугарија си најде нова мета. Сега услови и уценувања ќе патуваат кон Србија, барем ако ги цениме последните потези кои доаѓаат оттаму. Европратеникот Ангел Џамбазки од говорницата на Европскиот Парламент за Србија не може да има место во ЕУ.

-Тоа е таа Србија која прави провокации на Косово, тоа е истата Србија која прави провокации во Босна и Херцеговина. Тоа е истата Србија која ја поддржува руската пропаганда за време на војната меѓу Русија и Украина. Тоа е истата Србија која го поддржува најголемиот логистички, разузнавачки, шпионски центар на Русија на Балканот, во Европа. Тој се наоѓа во градот Ниш. Таа Србија, која ја спроведува политиката на Кремљ и Путин, нема место во ЕУ. Разберете го тоа, изјави Џамбазки.

Ова доаѓа само неколку дена откако бугарската невладина организација именувана „Воено- историски комитет“  ги повика членовите и бугарските граѓани на екскурзија насловена „По патеките на 41-от. пешадиски полк – март 1917 година – чистење на Јастребац од разбојниците“.

Во објавениот повик оваа невладина организација ја навела трасата по која учесниците во походот ќе се движат од Ќустендил, преку Власина, Сурдулица, Лесковац, Ниш, Прокупље, до планината Јастребац, а сето тоа, како што е истакнато, по долината на „Бугарска Морава“.

Ваквите потези од нашиот источен сосед, предизвикаа реакции во Србија. Реагираше историчарот Небојша Озимиќ, велејќи дека она што го правела Бугарија во тој период било геноцид.

-По сите правни регулативи, она што војската на Бугарија го правела во Големата војна на територијата на окупирана Србија, особено во 1916 и 1917 година, ги има сите елементи на геноцид. Потсетувам дека негирањето на геноцидот е казниво не само во сите земји- членки на ЕУ, од која дел е и Бугарија, туку и во другите европски и светски држави, вели Озимиќ.

Во српските медиуми се потсетува дека бугарската окупаторска војска за време на таа војна извршила масовни злосторство над цивилно население во Пуста Река, Сурдулица, Прокупље и околината на Ниш и Крушевац.

Матеја Петровски