Бугарија се заканува со блокада, македонската влада се надева на решение за Делчев

Надеж во Владата дека македонските и бугарските историчари ќе најдат взаемно решение за потеклото на Гоце Делчев. Откако завчера бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева се закани дека Бугарија би можела да се повлече од меѓународната комисија доколку двете страни не се договорат за Делчев и за Илинденското востание денеска од владата во Скопје смируваат – очекувале двете страни да изнајдат решение во правец на договореното добрососедство.

„Се надеваме дека комисијата формирана меѓу двете влади врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство ќе изнајде решение во правец на пријателството и добрососедството меѓу нашите две држави“, рече владиниот портпарол Хоџа.

Владините делегации на двете земји пред два дена се сопнаа при чешлање на историјата – чиј бил Гоце Делчев и на кој датум да се прославува неговото дело. Имено, македонската страна понудила заедничкото чествување на големиот револуционер да биде на 7. Октомври, датумот кога бугарската Влада во 1946 одлучила да ги предаде неговите мошти во Скопје. Овој предлог, извлече остра реакција од шефицата на тамошната дипломатија, која изјави дека не постои Бугарин кој би го чествувал Делчев на тој датум.

Потоа, бугарските власти се заканија – Македонија нема да стане членка на ЕУ и НАТО ако нема договор за Делчев, а Бугарија ќе се повлече од Комисијата.

Во меѓувреме реагираше и бугарскиот министер за одбрана Каракачанов кој порача дека за Скопје ќе немало место во Европското семејство, ако нема договор за историските прашања.

„Ако сакате да бидете дел од ЕУ, никој не ви брани да бидете Македонци. Ако сакате да верувате во утопија дека Александар Македонски е ваш предок, тоа е ваша работа, но не можете да ја фалсификувате историјата“, порачува Каракачанов.

Две години по потпишувањето на договорот за пријателство – Бугарија и Македонија имаат напредок во економските односи, туризмот, транспортот, образованието. Меѓутоа, според последните пораки од официјална Софија, сосема е можно Бугарија да стане новиот кочничар на македонските евроинтеграции.

Биљана Божиновска