НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија ни промени историски факти: Цар Самоил, Свети Климент, Свети Наум и светите браќа Кирил и Методиј станаа и бугарски историски личности

Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент, покрај македонски станаа и бугарски историски личности. Ова е производ од добрососедскиот договор и протоколите кои се производ од него, кои де факто ни донесоа нова историја. Со покровителство на Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров и Самоиловото царство во македонската историографија стана бугарско. Ова се новите историографски позиции на Македонија, договорени меѓу македонските и бугарските историчари.

-Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров, се вели во Протоколот.

Светите браќа Кирил и Методиј пак својата дејност ја имале ја имале во бугарска држава.

-Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа, се вели во протоколот.

Она што се наведува за светите Кирил и Методиј, во договорот меѓу македонските и бугарски историчари, се наведува и за Свети Климент и Свети Наум.

-Преку преводите на богослужбена литература и химнографските творби што ги создал, како и благодарение на неговата учителска дејност, се подготвени многубројни учебници. Тоа го прави една од најважните личности за културата на денешните Република Северна Македонија и Република Бугарија. Сето тоа им дава основа на двете држави да го негуваат споменот за делото на Св. Климент преку заедничко одбележување при соодветни поводи, се вели во Протоколот.

-Просветителското дело и придонесот на Св. Наум за развојот на писменоста и културата на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, им даваат основа на двете земји да го негуваат споменот за неговото дело, преку заедничко одбележување при соодветни годишнини и јубилеи, се вели во Протоколот.

Договорот за овие историски личности меѓу Македонија и Бугарија беше објавен лани во август, а само два месеци пред тоа првиот човек во комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, обвинуваше дека било лага дека имало договор за Цар Самоил.

-Она што беше објавено во однос на работата на комисијата е апсолутно неточно, во однос на содржината на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување, не знам од каде се измислени тие конструкции таму, меѓутоа, апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на заедничката комисија за Цар Самоил, изјави Ѓоргиев.

Овој договор дојде непосредно по прифаќањето на францускиот предлог од страна на македонските власти. Тогаш Драги Ѓоргиев се правдаше дека не станувало збор за промена на историски факти, туку промоција на образование кое нема да биде основа за манипулација на младите.

Матеја Петровски