Бугарија не се откажува од „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“: Тие клубови да функционираат нормално и да стануваат се повеќе и повеќе

Бугарија не ги дава „Ванчо Михајлов“ и Цар Борис Трети. Официјална Софија очигледно не е загрижена за повредените чувства на сите Македонци, поради именувањето на бугарски културни клубови именувани по докажани соработници на фашистичкиот режим. Запрашан дали ќе го осуди именувањето на клубови по спорни историски личности, министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков ни порача дека сме морале да направиме се за клубовите да функционираат.

-Ние се надеваме дека тие клубови ќе имаат можност да функционираат нормално и во крајна цел тие се зголемуваат, стануваат се повеќе и повеќе. Тоа според мене е еден добар знак, затоа што гледаат можност од тој тип на асоцијација, од тој тип на организација, да ги истакнуваат своите интереси, изјави Милков.

Милков не сакаше да испрати ниту осуда за зборовите на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, кој од центарот на Скопје ни го повтори она што цело време го говори во бугарскиот Парламент, дека Македонци и македонски јазик не постојат, како и дека меѓу Македонија и Бугарија не треба да има граница.

-Костадин Костадинов не ја изразува официјалната позиција на Република Бугарија, на нејзината Влада. И мојот апел до медиумите во Македонија е да не го концентрираат вниманието на политичарите кои што бараат такви крајни искази. Повеќе е важем официјалниот став на Бугарија, изјави Милков.

Инаку, во македонското Собрание беше изгласан закон за регулација на именувањето на здруженија и фондации. Според тој закон бугарските културни клубови добија три месеци да го сменат името или пак ќе бидат затворени. Сепак, овој закон барем според она што ни го кажа власта, бил донесен само за да се бајпасира ситуацијата кога граѓаните реагираа жестоко на оваа тема, а сега се подготвувал нов предлог закон.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести