Бугарија го слави францускиот предлог, иако Македонија го одби- се спрема ли нешто зад кулисите?

Бугарија го слави францускиот предлог, но зошто и што слават кога тој беше одбиен од премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски. Што ли се подготвува зад кулисите овие неколку дена? Бугарскиот претседател Румен Радев изутрината повторно изрази задоволство од документот на Макрон, но порача дека власта можела да добие уште повеќе.

-Знаете дека јас одамна настојувам, македонските Бугари да бидат впишани во Уставот. „Францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен воопшто, вклучително и бугарско-македонскиот протокол, доколку нашите политичари посветија многу, многу повеќе внимание на целиот овој процес, изјави Радев.

Од бугарското МНР ни порачуваат дека се е во наши раце, единствено требало да го прифатиме предлогот на Макрон, и тие ќе не деблокирале на патот кон Европската Унија.

-Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската унија зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи, порачаа од бугарското МНР.

Голема победа прогласи и премиерот на Бугарија во заминување Кирил Петков. Сега тој го слави фактот што бугарските уцени и условувања за Македонија, станале европски обврски за нас.

-Тие ги разбраа условите кои што се важни за Бугарија и тие услови всушност се европски. Многу е важно правата на Бугарите да се заштитени во Македонија. Тоа е европско видување и европска обврска, тоа да се случува не само за нив, туку за сите луѓе кои сакаат да членуваат во оваа унија. Така што бугарските барања всушност тие се реално европски, изјави Петков.

Бугарија го изгласа францускиот предлог, а во исто време директно од Парламентот, со пароли ни порачаа дека Македонија била бугарска. Ако има нешто позитивно во овие случувања, е што конечно на некаква бугарска провокација изреагираа македонските власти.

Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава, реагираа од нашето МНР.

Поради оваа најнова бугарска провокација, која доаѓа директно од бугарскиот Парламент, македонското министертво за надворешни ќе врачело соодветна вербална нота.

Матеја Петровски

Поврзани вести