Брканицата заврши: Тестиран кичевецот сомнителен на мајмунски сипаници, се чекаат резултати

Кичевецот суспектен на мајмунски сипаници кој неодамна се вратил од Австрија, конечно е тестиран и е во изолација, потврдија од Комисијата за заштита од заразни болести. По три дена брканица денеска или најдоцна утре Македонија конечно ќе донае дали во државата има мајмунски сипаници. Во меѓувреме, по наредба на Министерот за здравство веќе е испратен инспектор до неговиот дом за да му биде доставено и решение за здравствен надзор.

– „Пациентот од Кичево денеска беше исконтактиран, а потоа и тестиран од страна на Центарот за јавно здравје во Битола. Во моментов, тој е во изолација, а резултатите од тестот ги очекуваме до 20 часот.“ – Изјави Мехмедовиќ.

Доколку кичевецот е негативен, никој од неговото семејство со кои е направена епидемиолошка анкета нема да замине во изолација, во спротивно, доколку тестот е позитивен, тој може кривично да одговара со казна затвор до три години поради загрозување на јавното здравје и ширење на заразна болест, бидејќи одбиваше да се тестира.

Од вторникот се знае дека тој има симптоми на заразата, кога првично се обратил кај матичен лекар, но, одбил да биде хоспитализиран и тестиран, па бил испратен дома. Соработката со пациентот била тешка, тврдеше директорот на кичевската болница, па му било укажано самиот да дојде до скопската инфективна клиника. Бидејќи тој првично не се појави, институциите почнаа потрага по него за да му земат примероци за тестирање.

По три дена конечно бресевите се земни, а резултатите се чекаат. За разлика од кај нас земјите во регионот многу покоординирано ги дочекаа мајмунските сипаници. Соседна Србија, првиот случај го регистрираше уште во средината на јуни.

– „Тој е периодот во кој лицето е изложено на вирусот, до моментот кога ќе се појават првите симптоми и знаци на болеста. Вообичаено се јавува покачена телесна температура, интензивна главоболка, болка во згобовите, мускулите, грбот, а подоцна се јавува осип, обично по пет дена од првиот симптом.“ – Истакна Славица Марис – Епидемиолог во Градски завод за јавно здравје во Србија.

Србија до сега има регистрирано 23 позитивни на мајмунски сипаници, Грција има 41 случај, Бугарија – 4, Хрватска 12, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаат по еден случај, додека во Албанија нема регистрирани случаи на мајмунски сипаници.

Никола Цветкоски