Британскиот парламент и по трет пат го отфрли Договорот за напуштање на ЕУ

Пратениците во Британскиот парламент и по третпат го отфрлија Договорот на премиерката Тереза Меј со европските власти, со што излегувањето на Британија од ЕУ влегува во нова уште покомплицирана фаза. На денот кога, според првичниот план, официјално требаше да заврши разводот на Лондон од Брисел, пратениците со 58 гласови разлика се изјаснија дека не го прифаќаат Договорот ниту делумно, иако тоа беше последната надеж на Меј. Доколку пратениците се изјаснеа позитивно, на Владата ќе и беше овозможено да го одложи напуштањето на ЕУ до 22 мај, односно до последниот ден пред изборите за Европскиот парламент, но сега никој со сигурност не знае што ќе биде понатаму.

Во Брисел се зборува за две сценарија – Британија да ја напушти Унијата на 12 април без Договор, таканаречен тврд Брегзит, или Лондон ќе побара ново одложување на истапувањето, иако не се знае дали тоа е воопшто прифатливо за Брисел. Амбасадорите на земјите членки инсистираат дека е потребно да се биде „цврст“ кон Британците во иднина, посебно за прашањето за ирската граница, за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија и за финансискиот долг на Лондон кон ЕУ. Сите земји членки индивидуално интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор, но Европската Комисија вчера одби да коментира што понатаму и кои варијанти би биле прифатливи или правно одржливи.

Драган Милосављевиќ