Во Фокус : Бранимир Јовановиќ: СДСМ ги изневери иделите и ветувањата давани за време на протестите

Власта ги изневери граѓаните и ги заборави ветувањата кои ги даваше за време на „Шарената револуција“. Пораншниот советник за макроекономска политика во Министерството за финансии во првата Влада на Заев, Бранимир Јовановиќ, кој и самиот беше дел од протестите преку кој СДСМ дојде на власт, сега вели дека дури и она што почнало да се реализира од ветувањата траело многу кратко, и можело многу повеќе. Две години откако дојдоа на власт, Владата изгуби компас и ги заборави ветувањата за „животот кој требаше да дојде “ .

Пред да дојдат на власт ветуваа дека ќе бидат различни од претходните дека ќе работат за граѓаните, ќе ги вратат парите кај граѓаните, фамозниот план за живот, фамозното ветување ќе ги зголемиме платите, ќе дадеме просечна плата од 500 евра, ќе дадеме повеќе пари за стечајците, за сиромашните, за социјалните случаи, ќе ја зголемиме социјалната помош и сето тоа со даночење на богатите, односно со прогресивниот данок, Бранимир Јовановиќ-  поранешен советник  за макроекономска политика во Министерството за финансии

За економскиот неуспех клучни се три грешки кои ги направи Владата, вели Јовановиќ. Наместо решавање на проблемите дома, се посветија на смена на името и решавање на спорот со Бугарија, пораки кои никогаш не беа споменати на протестите од „Шарената револуција“. Протестите секогаш имаа носечки пораки за воспоставување социјална правда, борба со корупцијата, решавање на социјално – економските проблеми дома.

Втората грешка, според Јовановиќ, е што се откажаа од луѓето кои беа блиски до нив кои беа до нив кога беа опозиција и се свртеа кон моќниците и бизнисмените, а третата крупна грешка е што двете главни економски министерства, за финансии и за економија се дадени на ДУИ – партија која е помал коалиционен партнер а за која самиот поранешен премиер Заев кажуваше дека е најкорумпираната.

Тие дојдоа на власт со протести. На тие протести никогаш не се зборуваше ќе го решиме спорот со Грција, ќе ги подобриме односите со Бугарија, протестите секогаш беа или за социјална правда, или корупција и за сите социјални прашања. Владата како да го заборави тоа и едноставно почна да ги решава надворешните прашања . Кога ќе ги дадете двете министерства на иста партија нема контрола. Министерството за економија троши пари на секаде нема контрола, министерството за финансии ги дава тие пари и воопшто нема брана, кога се на две партиии се спречува корупција. Сега можат да трошат пари како сакаат. Третиот проблем е што ДУИ е позната како партија склона кон корупција . СДСМ кажуваше дека ДУИ е најкорумпираната партија. Го погазувате она што што сте го кажувале. Практично сите пари во државата ги доверувате на партија која е позната на корумпирана, вели Јовановиќ.

Не е дека ништо не е реализирано. Фамозното ветување од 500 евра плата се исполни само на хартија бидејќи просечната плата достигна над 30.000 денари, но парите ги изеде инфлацијата. Се реализираше и делумно ветувањето за гарантирана минимална помош – ја воведоа и никогаш не ја зголемија без разлика на тоа колку растат трошоците за живот, а опфатот на луѓе кои земаат социјална помош не се прошири.

Бранимир Јовановиќ ја напушти Владата по две години и замина во Австрија во Виенскиот економски иснститут. Вели дека СДСМ и ДУИ ги погазија и ветувањата за даночна реформа, за враќање на украдените пари, за зголемување на платите во јавниот сектор.

Кристина Алексиеска

Advertisements