Бразил ќе се повлече од Глобалниот пакт на ОН за миграција

Бразил ќе се повлече од Глобалниот пакт на ОН за миграцијата, кој беше одобрен вчера во Мароко, веднаш откако новоизбраниот претседател Жаир Болсонаро ќе стапи на должност на 1 јануари.

Ова го соопшти неговиот иден министер за надворешни работи Ернесто Араужо.

– Владата на Болсонаро ќе се повлече од Глобалниот пакт за миграцијата, кој беше усвоен во Маракеш, напиша на Твитер Ернесто Араужо, идниот министер за надворешни работи на ултрадесничарот Болсонаро.

– Миграцијата е добредојдена, но не треба да биде недискриминирана. Мора да постојат критериуми за да се осигури безбедноста на мигрантите и на граѓаните во земјата на дестинација. Миграцијата мора да биде во служба на националните интереси и на кохезијата на секое општество, додаде тој.

Глобалниот договор на ОН за миграција вчера беше официјално одобрен на Меѓувладината конференција во Маракеш, Мароко, кој потоа го усвоија 164 земји со акламација.