БПЦ ќе се заложи за решавање на статусот на МПЦ-ОА

Бугарската православна црква ќе продолжи да помага за решавање на статусот на македонската црква, најави денеска бугарскиот патријарх Неофит. Тој истакна дека било важно да се утврди името на државата, па сега ќе било полесно.
Важно беше да се утврди името на државата и верувам дека постепено ќе одиме кон радост. Ќе направиме сè што е неопходно, со Божја помош, радоста на нашите браќа од Македонија да биде целосна“, истакна Неофит.
Новинарот Бранко Ѓорѓевски, кој е познавач на тематиката вели дека изјавата на бугарскиот патријарх треба да се доживее како демонстрирање на нивната подготвеност да се реши македонското црковно прашање и да привлечат симпатии од македонските верници. Тој вели дека сепак не очекува во скоро време признавање на автокефалноста на МПЦ од нивна страна.
Сепак, Ѓорѓевски е воздржан зашто БПЦ не ја искористи шансата кога МПЦ побара од неа да и стане мајка црква. Главната причина според него е руско -српскиот притисок кој како што вели тој се уште е силен, па дури и влијаел Вселенската патријаршија на некој начин да се повлече од нашето признавање.
Инаку Бугарската православна црква при крајот на 2017 година прифати да ја застапува МПЦ пред другите цркви преземајќи сè што е неоходно за утврдување на нејзиниот канонски статус, но не одговори на барањето на МПЦ да ја признае како своја ќерка-црква.

Мери Ѓорѓиевска