Бојко Борисов победи на изборите во Бугарија, но дали ќе успее да формира и влада е се уште неизвесно

Резултатите од четвртите парламентарни избори во Бугарија во две години не влеваат оптимизам дека земјата ќе излезе од политичка криза. Иако партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, победи со освени над 25% од гласовите, неизвесно е дали ќе најде коалициски партнери за да формира влада. Податоците на Централната изборна комисија, покажуваат дека во Парламентот ќе влезат седум политички формации.

Коалицијата „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков и Асен Василев е на второто место со 20,21 отсто. На трето место е „Движење за права и слободи – ДПС“ со 13,66 отсто. По нив следува партијата „Преродба“ со 10,17%,  а по неа е „БСП за Бугарија“ со 9,32 отсто  „Демократска Бугарија – обединување“ има 7,46 проценти. „Бугарски подем“ на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, пак, со освоени 4,63 отсто е последната партија која ќе влезе во парламентот со свои пратеници. „Има таков народ“ на Слави Трифонов доби поддршка од 3,83 отсто од гласачите и нема да биде дел од Собранието. Најлоши резултати има партијата на Каракачанов, ВМРО-БНД, со 0,81% од гласовите.

Клучното прашање, дали Борисов ќе успее да формира влада ќе се разгледува деновиве. Сепак кај бугарските аналитичари постои став дека е можно формирање на експертска Влада. Од политичарите кои се изјаснија дека нема да бидат дел од владината коалиција е и поранешниот премиер Кирил Петков. Тој изјави дека неговата партија ќе одбие евентуална покана за формирање коалиција со ГЕРБ.

„ГЕРБ ја има целата политичка одговорност и обрзана е да стори сè што може за да формира влада. ГЕРБ нема проблем со силни националистички формации, па Движењето за права и слободи и Преродба се чинат како добри кандидати“, изјави Петков.

Поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев на фејсбук му честита на својот поранешен колега.

Честитки на ГЕРБ и на мојот добар пријател Боико Борисов за победата и освоената најголема доверба од бугарскиот народ. Посакувам успешни разговори за составување на новата влада која ќе донесе стабилност на нашиот источен сосед и просперитет на Бугарија – напиша поранешниот премиер Зоран Заев.

Каракачанов можеби го отфрлија во Бугарија, но го сакаат во Македонија. Ова може да е заклучи по резултатите од гласањето во земјава. После ГЕРБ која освои 127 гласови, е партијата на поранешниот министер за одбрана на Бухарија ВМРО-БНД за која гласале 91 бугарски граѓанин во Македонија.

Адријана Алексиеска

Advertisements