Бојаџи: Апсењето на татко ми е притисок врз мојата работа

Лична пресметка и притисок врз неговата работа како уметник, вака продуцентот и режисер Јани Бојаџи ја коментира вчерашната акција на полицијата во која беше уапсен неговиот 74-годишен татко Андони Бојаџи од Струмица. Тој прашува како е можно 70 годишни старци да завршат зад решетки само затоа што меѓусебно си раскажувале приказни? Продуцентот е загрижен за својот родител, посочувајќи дека старецот од вчеравечер е во полициската станица во скопска Гази Баба и оти се уште не бил сослушан.

Од МВР со став – Бојаџи бил приведен како дел од организирана група која продавала ретки артефакти со непроценлива вредност. Демантираат било каква поврзаност помеѓу полициската акција и филмот на режисерот Јани Бојаџи „Ругање со Христос“, кој предизвика контроверзии, а Министерството за култура го означи како скандалозен, бидејќи како што рекоа, ги навредувал чувствата на Албанците.

Инаку МВР поднесе кривична пријава против 14 лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола за вршење кривични дела против културното наследство и природните реткости. 13 од осомничените се приведени, а по еден полицијата се уште трага. Сите се товарат дека вршеле нелегална трговија со археолошки предмети – монети, полу скапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети кои ги ископувале на повеќе археолошки локалитети во државата меѓу кои Струмица и Велес. Археолошките предмети подоцна ги продавале на заинтересирани лица од Албанија, Турција и Грција, велат од МВР.

Биљана Божиновска