Бојаџи: Алфа неколку пати се понуди без ограничувања да ја емитува серијата „Црвениот поет“

Телевизија Алфа сега, а и во минатото се понудила да ја емитува серијата „Црвениот поет“, за животот и делото на македонскиот деец, Кочо Рацин. Ваквата реакција од менаџерот на телевизијата доаѓа откако во јавноста се појавија информации дека по потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија, ниту една македонска телевизија со национална концесија досега не прифатила да ја емитува серијата.
– „Не знам дали станува збор за тивка цензура или за навистина неможност на националните телевизиски концесионери да ја прикажат серијата ‘Црвениот поет’ во ‘прајм тајм’ поради турските серии што редовно се емитуваат во тој термин.“ – Изјави за дел од медиумите Владимир Анастасов, продуцент на серијата „Црвениот поет“.
Менаџерот на телевизијата, Јани Бојаџи, вели дека Алфа веројатно е единствената телевизија која самоиницијативно се понудила да ја емитува серијата.
– „Во последните неколку години јас неколку пати имам разговарано со продуцентот на серијата „Црвениот Поет“, господинот Владимир Анастасов. Ние како Алфа телевизија се понудивме безусловно и без никакви ограничувања да ја емитуваме на нашата програма, во време и на начин на кој продуцентот сам ќе определи дека е најдобро за серијата.“ – Изјави менаџерот на ТВ Алфа, Јани Бојаџи.
Дека немаат добиено понуда за емитување, за дел од медиумите потврдува и и директорката на ТВ Телма, Снежана Лупевска.
Алфа стапи во контакт со продуцентот на серијата, кој вели деке не сме имале национална концесија, а телевизијата емитува на целата територија под национална концесија безмалку една деценија.
– „Има конфликт поради договорот за серијата. Во договорот стои дека серијата мора да се емитува на телевизија со национална концесија, а Алфа ТВ не е национален концесионер.“ – Истакна продуцентот Владимир Анастасов.
Запрашан дали воопшто добил понуда за емитување од Алфа, вели дека тоа било пред две/три години и оти не се сеќавал дали разговарал со претставници на Алфа.
Во серијата има сцени како Рацин во униформа на тогашна кралска југословенска војска се бори со Германците, како Рацин е заробен од бугарски војници, како и сцени во затворот како бил измачуван и испратен во логорот Корница во Бугарија.
– „Мора да се има во предвид дека многу работи, за потребите на драматизацијата се изменети иако се инспирирани од вистински случувања и ликови. А дали има нешто спорно, јас не сметам дека има нешто спорно. Се работи за историски вистини, за факти. Многу настани кои што се историски потврдени и не верувам дека има билокаква причина да се сомневами во некакви тенденциозни историски именувања.“ – Изјави режисер на серијата Никола Поповски.
Во 2012та година имаше жестоки реакции од Бугарија по емитување на филмот „Трето полувреме“, кои пак дојдоа од највисоко ниво на бугарското раководство. Додека пак Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, неодамна изјави дека авторите треба да творат „во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката“, по што следуваа бурни реакции на филмаџиите, кои истакнаа дека отсега ќе треба да снимаат само љубовни и современи филмови и серии.