Бошњаковски контра Манчевски – дали Македонија има капацитет за преговори со ЕУ?

Бошњаковски не мисли како Манчевски- администрацијата имала кадри за преговарачките тимови за пристапните процеси со Европската Унија. Додека министерот за администрација апелира експерти од надвор да се вклучат во тимовите оти кадар немало, владиниот портпарол тврди се си тече во нормала и немало ништо би ја одолговлекло работата – иако тимовите требаше да се знаат уште пред 6 месеци.
-Се разбира дека имаме капацитети, тимовите се формирани, таму каде што има празни места се пополнуваат, но во никој случај не постојат никакви пречки или индиции за одолговлекување на процесот, рече денеска владиниот портпарол.
-Испраќам апел до сите граѓани, експерти, луѓе кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу, сериозно сме загрижени за следните покрупни фази од преговарачкиот процес, порача Манчевски преку МИА пред околу две недели.
Дека се доцни на сите полиња укажаа и експертите.
-Многу се доцни. Владата на својата седница на 31 јули 2018 година изнела дека ќе биде формирана преговарачката структура најдоцна до 29 октомври 2018 година. Сега сме веќе април 2019 година, немаме никакви податоци за тоа која е преговарачката структура, кои се имињата на тие луѓе кои ќе работат во работните групи, значи не е транспарентно воопшто, изјави Зорица Стрезовска, аналитичар од „Евротинк“ на 4 април.
Еден од условите за солидна бриселска јунска оценка е и законот за обвинителството, за кој не се знае кога ќе се постигне договор. Бошњаковски го впери прстот во опозицијата.
-Останува однапред утврдената динамика, се разбира дека ако опозицијата реши оти законот со кој што ќе се регулира натамошната работа на СЈО, односно има разбирање дека тој закон мора да биде донесен и усвоен, рече Бошњаковски.
Опозицијата е децидна: сите нивни забелешки се преточени во амандмани, принципиелни и правно основани – порачуваат Владата да ги прифати, по што тие веднаш ќе кренат рака за поддршка на Законот.
Искра Коровешовска