Бошњаковски: Комбињата од Министерството за земјоделие се „речиси неупотребени“

Портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција информираше за набавката на амбулантните возила за потребите на Итната помош која вчера ја најави министерот за здравство Венко Филипче.

Бошњаковски нагласи дека покрај новите кои ќе се купат, дополнителните осум комбиња кои ќе бидат преземени од Министерството за земјоделство, а потоа адаптирани во амбулантни возила за итна помош, досега „практично не се употребувале и сега само се ставаат во функција“.

„Министерството за здравство набавува 12 нови амбулантни возила. Овие осум постоеле во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и биле речиси неупотребени. Идејата сега е целисходно да се искористат. Им се најде употребна вредност“, рече портпаролот.

Во предизборието во 2017 година премиерот Зоран Заев најави дека ќе го продаде мерцедесот поради кој се осудени екс-премиерот Никола Груевски и екс-министерката Гордана Јанкуловска и со парите од продажбата ќе купи амбулантни возила за итна помош. Министерот Филипче вчера рече дека за тоа нема потреба и најави пренамена на комбиња од ресорот за земјоделие кои заедно со новокупените ќе ги превезуваат итните случаи до болниците.