Борис III vs Јосип Броз Тито – бугарските власти измешаа фашистички лидер и светски признаен антифашист

„Ако името Цар Борис Трети е проблем, името на гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем“ – изјави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија.

Името на човекот кој бил срдечно примен од Хитлер како негов соработник, на човекот кој ги потпишувал антиеврејските закони, на тој кој давал налог Евреите да бидат депортирани во Треблинка – не е проблем за Бугарите. Проблем е името на антифашистичкиот херој и југословенски лидер Јосип Броз Тито. Најновата провокација која стигна од првиот човек на бугарската дипломатија ја налути експертската фела ама не и надлежните. Познавачите критикуваат, македонското МНР молчи.

Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, потребна е итна реакција од државниот врв и борба против како што вели овие „бугарски синдроми“. 

Тој беше носителот на антифашистичката војна. Тој се бореше против фашистичка Бугарија. Втората причина е дека тие сметаат дека Тито не измисли. Ако Тито се борел против нивната амбиција, да ја освојат Македонија, нормално дека Тито е проблем. Сите овие клубови ја симболизираат бугарската политика, Македонија да биде бугарска. Затоа тие отвораат клубови со име на фашисти. Нашата политика мора да биде спротивна, да се бориме против тие бугарски синдроми и да го прекинеме договорот за непријателство – изјави поранешниот амбасадор, Ристо Никовски.

Провокациите од Бугарија кои одат до недоглед се вистинска дрскост, реагира поранешниот амбасадор во НАТО Мартин Треневски. Бугарија не смее да си зема за право да кажува какво име ќе носат македонските институции а Македонија не смее да дозволува фашистите да го трујат нејзиниот народ.

Станува збор за дрскост бидејќи никој не смее да им дава право на Бугарија да ни држат лекции како ќе ги именуваме нашите образовни институции. Тоа е наша работа и немаат право да се мешаат. Да искажам една огорченост кон Мин за правда, не може тие да се дистанцираат, дека Законот што го подготвуваат за тие имиња на луѓе кои не смеат да бидат афирмирани во некои институции, ако сме држава, ние треба државнички да се однесуваме. Дали ќе дозволиме фашисти да го трујат нашиот народ – изјави поранешниот амбасадор Мартин Треневски.

Бугарија не прави разлика помеѓу фашизам и антифашизам – поранешниот дипломат и универзитетски професор Ѓорѓи Спасов, им забележа на инситуциите кои се прогласуваат за ненадлежни кога се во прашање провокациите на оние што се уште не се разбудиле од сонот за Санстефанска Бугарија.

Сега по нивната логика ако сакаме да,станеме членка на ЕУ треба да ги вратиме симболите на фашизмот ,да ги славиме соработниците и сојузниците на Хитлер, а да се откажеме од нашата антифашистичка борба и епопеја во име на така замислените “европски вредности”.И веројатно тоа така ќе се случува се додека нашата влада и Министерството за правда се прогласуваат себе си за ненадлежени во спречувањето на сите видови провокација од страна на оние што се уште не се разбудиле од сонот за Санстефанска Бугарија – напиша универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во Бугарија, Ѓорѓи Спасов.

Македонското министерство за надворешни работи до сега ниту еднаш не ги искористи дипломатските механизми за да изрази револт или предупредување кон Бугарија за сите провокации. Службите во МНР дури и престанаа да праќаат одговори на прашањата на Алфа, дали некако ќе реагираат за секојдневните навреди од источниот сосед.

Адријана Алексиеска

Advertisements